Успешна лидерска средба значи дека политичките партии ќе седнат на маса и нема да постои уценување од една политичка партија кон друга, смета премиерот Димитар Ковачевски.
За одржување на изборите, Ковачевски вели дека финалниот збор ќе го кажат партиите, а во однос на техничката влада, рече дека не постои консензуално расположение кај партиите за нејзино укинување.
„Очекувам конструктивна лидерска средба во која ќе учествуваат сите политички партии застапени во Парламентот, бидејќи тоа е начинот на кој функционира едно демократско општество, каде што сите кои учествуваат во еден натпревар треба да имаат збор во начинот на кој се организира натпреварот, изјави денеска Ковачевски.
Видете и ова: Мицкоски: Подготвени сме да се избрише постоењето на техничка влада
Коментарите на Ковачевски доаѓаат откако опозициската ВМРО-ДПМНЕ на 30 ноември објави дека е прифатливо за партијата во понеделник да се одржи лидерска средба поврзана со изборите,
Ковачевски повикот за лидерска средба за изборите го упати на 29 ноември, по што портпаролката на ВМРО-ДПМНЕ Марија Митева Митева рече дека понудата за лидерска средба в понеделник ја слушнале од медиумите, но посочи дека од партијата има расположение истата да се одржи на 4 декември по 11 часот.
„Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ“, рече Митева.
Ковачевски денеска рече дека постигнување на договор на средбата значи дека ќе има одржување на избори согласно општо прифатлив Изборен законик, во кој што се внесени препораките на ОБСЕ/ОДИХР, одржување на избори на датум кој обезбедува и претседателски и парламентарни избори во нивен редовен термин.
Видете и ова: Ако изборите бидат на 8 мај, техничка влада во јануари, а распишување во февруариВласта и опозицијата имаа различни мислења за терминот за одржување на претседателските и на парламентарните избори, кои треба да се одржат следната година. Опозицијата бара тие да се одржат во ист термин, а власта беше на став да бидат одвоени. Но во изминатите недели има најави дека можно е да бидат во исто време.
Претседателот на Собранието, Талат Џафери на 27 ноември изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари.
Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.
Следните парламентарни избори треба да бидат 11 по ред од осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија и воведувањето на политички плурализам.
Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.