Властите на Хамас во Појасот Газа на 2 декември објавија дека 240 луѓе се убиени на палестинска територија, откако паузата во борбите заврши во петокот, пренесува АФП.
Во соопштението на оваа организација, која САД и ЕУ ја означуваат како терористичка, се наведува дека уште 650 лица се повредени во „стотици воздушни, артилериски и поморски бомбардирања низ појасот Газа“.
Тие додаваат дека израелските сили „конкретно го гаѓале Кан Јунис, каде што биле уништени десетици куќи заедно со нивните станари“.
Видете и ова: Израел ја нападна Газа втор ден по прекинот на примирјетоОд крајот на привремениот прекин на огнот во петокот, Израел нападна повеќе од 400 цели во Појасот Газа, соопшти израелската војска.
Како што јави Би-Би-Си, во соопштението се вели дека израелските одбранбени сили (ИДФ), воздушните, поморските и копнените сили ја гаѓале Газа, вклучително и области на југот на енклавата.
„Борбени авиони погодија повеќе од 50 цели во обемниот напад на областа Кан Јунис“, се вели во соопштението.
Според соопштението, воздушните напади биле насочени кон џамија во северниот дел на Газа, тврдејќи дека била користена од групата Исламски џихад како оперативен команден центар. Како што наведува Би-Би-Си, овие тврдења не може да бидат независно потврдени.
Откако Израел им нареди на луѓето во северна Газа да се евакуираат на југ, стотици илјади жители на Газа се засолниле во јужниот град Кан Јунис, главно во шатори и засолништа обезбедени од ОН.