Повеќе од 20 земји, вклучително и Соединетите Американски Држави, на 2 декември повикаа на тројно зголемување на нуклеарната енергија за да се намалат емисиите на штетните гасови.
Повикот земјите го направија на вториот ден од самитот на Обединетите нации за климатски промени во Дубаи на кој присуствуваа светските лидери.
Воздухот исполнет со смог во Дубаи ги подвлече предизвиците со кои се соочува светот, бидејќи се очекуваат други ветувања на конференцијата COP28, вклучително и оние за зголемување на употребата на обновлива енергија и намалување на емисиите на метан.
Употребата на нуклеарна енергија како почиста алтернатива на фосилните горива е крајно контроверзна, бидејќи еколошките групи се загрижени за безбедноста и отстранувањето на нуклеарниот отпад.
Видете и ова: Меѓународни кредитори со 4 милијарди евра ќе го помагаат откажувањето од јагленСепак, повеќе од 20 земји, од САД до Гана, Јапонија и неколку европски земји, во декларацијата истакнаа дека таа игра „клучна улога“ во глобалната цел за јаглеродна неутралност до средината на овој век.
Тие повикаа на зголемено користење на нуклеарната енергија за три пати до 2050 година, во споредба со нивото од 2020 година.
„Не сакаме никому да тврдиме дека ова апсолутно ќе биде алтернатива на секој друг извор на енергија“, рече на конференцијата американскиот претставник за клима Џон Кери.
„Но, знаеме, бидејќи науката, фактите и доказите ни кажуваат дека не можете да дојдете до нула емисии без барем малку нуклеарна енергија“, рече тој.
Меѓу другите потписнички се Велика Британија, Франција, Јужна Кореја, Украина и ОАЕ, но нуклеарните сили, Русија и Кина не се приклучија.
Организацијата за заштита на животната средина „350.org“ наведе дека нуклеарната катастрофа во Фукушима, Јапонија, во 2011 година, ја покажала опасноста од атомската енергија.
„Иако цениме дека администрацијата на Бајден сака да инвестира во алтернативи на фосилните горива, немаме време да го трошиме на опасни одвлекувања на вниманието како нуклеарната енергија“, рече нивниот северноамерикански директор Џеф Ордоуер.