Претседавањето на Малта со ОБСЕ следната година да биде со помалку предизвици ѝ посака се уште актуелниот претседавач Бујар Османи, на завршната прес-конференција на 30-тиот Министерски совет на организацијата, што се одржа во Скопје.
Тој оцени дека организаицијата е спасена и безбедна.
Земјите членки на Организацијата за безбедност и соработка во Европа постигнаа согласност следната година Малта да биде претседавач.
На состанокот во Скопје е постигнат и договор да им се продолжат мандатите за уште девет месеци на четирити главни извршни позиции на ОБСЕ– генерален секретар, директор на ОДИХР, висок претставник за националните малцинства и претставник за слободата на медиумите.
Состанокот помина во знак на нападот на Украина, рече Османи на завршната прес-конференција. Тој оцени дека состанокот беше најголем политички собир на ова тло и се случува во вонредно време.
„Руската агресија против Украина ги прекрши основните принципи и посветеноста на нашата организација, предизвика страдање на луѓето во Украина, но донесе и сериозни предизвици за егзистирањето на организацијата“, рече тој.
Собирот во Скопје носеше многу ризици, но Северна Македонија како претседавач со тоа се соочи со многу одговорност, рече Османи. Состанокот го нарече историски, иако, како што вели „на Балканот се плашиме да ги наречеме работите историски“.
Одговарајќи на новинарско прашање дали имало „пазар“ со Русија за да се постигнат договори на состанокот, тој рече дека компромисот е во сржта на организацијата.
„Ние бевме гласни во осудувањето на руската воена агресија, но исто така го претворивме ОБСЕ во платформа за правна одговорност на Русија. Немаше тргување со принципите на Организацијата“, рече Османи.
Идниот претседавач, министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг, им се заблагодари на членките за ОБСЕ за довербата и оцени дека анонимното гласање и постигнувањето консензус сведочи за заедничката посветеност на сите да се продолжи со работата на Организацијата и покрај сите предизвици.
„ОБСЕ е инклузивна платформа за ефективен дијалог. Мора да се фокусираме на завршување на војната и конфликтот. Руската воена агресија против Украина мора да запре“, рече Борг.
Како претседавач во 2024, нагласи тој, ќе соработува со сите партнери и ќе се посвети на дијалог и се обврза на исполнување на обврските.
Генералната секретарка на ОБСЕ, Германката Хелга Шмид, за чиј мандат беше постигнат консензус да биде продолжен за девет месеци, на завршната прес-конференција, му се заблагодари на Османи за претседавањето и оцени дека Министерскиот совет во Скопје поминал успешно бидејќи се овозможува Организацијата да продолжи да работи.
Видете и ова: Лавров: Рамнодушен сум за исходот од Министерскиот совет на ОБСЕ„Во актуелните околности, да се најде заедничко решение за секоја тема е предизвик и нема да се преправам дека е поинаку“, рече Шмид.
Го поздрави мотото што го избра Северна Македонија за претседавањето - „За луѓето се работи“. Тоа, според неа, не можело да биде посоодветно бидејќи одговара без разлика дали се работи за борба против корупцијата и организираниот криминал, за мониторинг на изборите, безбедноста, персоналот на ОБСЕ...
За Малта, пак, рече дека игра важна улога во поддршката на безбедноста во регионот на ОБСЕ, порача дека може да смета на поддршката од неа и останатите раководни позиции во Организацијата во текот на претседавањето во 2024 година.
Мандатот на Шмид и на уште три други клучни позиции во ОБСЕ завршува на 4 декември. Со постигнатиот консензус, освен нејзиниот за девет месеци се продолжуваат мандатите и на: високиот комесар за национални малцинства Каират Абдракхманов; претставничката за слобода на медиуми на ОБСЕ Тереза Рибеиро, а реизбран е и Матео Мекачи на чело на ОДИХР.
Видете и ова: Карпентер: Никој не сака да седи на маса со ЛавровНа Министерскиот совет не постигнале договор за Буџетот на организацијата, иако, како што рече Османи, направиле големи напори. Османи вели дека сепак остануваа уште неколку недели да се постигне консензус за буџетот. Генералната секретарка на ОБСЕ, Хелга Шмид, вели дека и покрај проблемите со Буџетот, организацијата продолжила да испорачува и се надева дека наскоро ќе најдат решение.
Министерскиот совет на ОБСЕ, каде присуствуваа и американската и руската делегација заврши денеска (1 декември). Вкупно учествуваа 76 земји – 57 членки, а останатите се партнерски држави од медитеранската и азиската група.