Карпентер смета дека ОБСЕ е клучна за да ја држи Русија одговорна за агресијата врз Украина

Постојаниот претставник на САД во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер

Русија останува изолирана во ОБСЕ, нема ниту една друга земја членка која ја поддржува нејзината војна во Украина, рече постојаниот претставник на Соединетите Држави во ОБСЕ, амбасадорот Мајкл Карпентер на брифинг со новинарите, на маргините на Министерскиот самит на ОБСЕ којшто се оржува во Скопје од 30 ноември до 1 декември.

Тој додаде дека клучна алатка за земјите на ОБСЕ е да ја држат Русија одговорна за нејзините „брутални акции“ во Украина, вклучително и за воени злосторства, мачење, злосторства против човештвото и друго.

„Ние ја користевме оваа организација за да има силен ефект. Секако, на крајот на оваа година во текот на последните неколку недели имаше некои прашања за лидерството на организацијата, за генералниот секретар на организацијата и среќен сум да известам дека Малта се согласи да го преземе претседавањето следната година. Ние сме благодарни за тоа што прземаат одговорност, бидејќи ова е голем предизвик со кој треба да се соочат. Само што постигнавме прелиминарен договор на подготвителниот состанок да дозволиме продолжување на мандатите за генерален секретар на ОБСЕ, директор на ОДИХР, висок претставник за национални малцинства и претставник за слобода на медиуми“, рече Карпентер на брифингот.

На новинарски прашања во однос на прес-конференцијата на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, Карпентер рече дека Русија е земја агресор, додавајќи дека ќе бараат „одговорност за злосторствата во Украина.“

„Русија во моментов окупира 20 проценти од територијата на Грузија, тие стационираат трупи во Република Молдавија без согласност на земјата. Сето ова е прекршување на меѓународното право и ние имаме намера да ја држиме Русија одговорна за тоа и мора да има последици“, рече Карпентер.
Шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров денеска на прес конференцијата на маргините од Триесеттиот министерски совет на ОБСЕ во Скопје, рече дека има целосен пад на сѐ што е креирано од ОБСЕ и дека има деградација на сите димензии на Организацијата.

Според Лавров, европските колеги не извлекле никаква поука и над 90 проценти од сите говори на пленарната сесија биле потврда на тоа. Тој рече дека е рамнодушен кон организацијата и резултатите од советот на ОБСЕ.

На прашање дали има шанси за договор со Украина, Лавров рече дека „за танго се потребни двајца“, и ги обвини украинскиот претседател Володомир Зеленски и Западот.

Карпентер смета дека на Русија ѝ е многу непријатно со нејзината позиција во ОБСЕ, додавајќи дека таа е дипломатски изолирана.

„Има кажувања од Лавров дека западните земји доминираат со наративот во ОБСЕ. Причината поради која доминира тој наратив е поради руската воена агресија и тоа е реалноста. Но, ќе продолжиме да ја користиме организацијата за целта поради која е создадена и ние ја гледаме функционалноста на организацијата како наша победа. Мислам дека ова е добар резултат за сите нас“, рече Карпентер.

Тој рече дека нема промена на американската политика во однос на Косово, коешто САД го поддржуваат како независна и демократска земја и повтори дека ги поддржуваат преговорите за нормализација на односите меѓу Косово и Србија, бидејќи како што рече, тоа е важно за безбедноста на регионот.
Инаку денеска (1 декември) е вториот и последен ден од Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ), кога меѓудругото ќе се формализира кандидатурата на Малта за преземање на претседавањето со ОБСЕ следната година.

По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки.

Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. Еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.