Иран останува главен спонзор на тероризмот, предупреди Стејт департментот

Иран продолжува да го поддржува Хезболах (на фотографијата), кој Вашингтон го карактеризираше како терористичка група во 1997 година, според извештајот на Стејт департментот.

Иран минатата година останал главен спонзор за глобален тероризам, вклучен во давање поддршка, регрутирање, финансирање и организација на терористи ширум Африка, Азија, Европа и Америка, наведува американскиот Стејт департмент, во извештајот за тероризам за 2022 година, кој е објавен на 1 декември.

На Блискиот исток, Иран продолжи да го поддржува Хезболах, кој Вашингтон уште во 1997 година го прогласи за терористичка група, стои во извештајот.

Исто така, се додава и дека Иран го снабдувал со оружје Хамас, но и другите палестински терористички групи, кои на тој начин се карактеризирани од САД, вклучувајќи го Палестинскиот исламски џихад и Народниот фронт за ослободување на Палестинците.

„Овие групи стојат зад бројни смртоносни напади во Газа и Западниот брег“, се додава во извештајот.

Видете и ова: Извештај за тероризам 2022: Пад на терористичките напади, ИСИС одговорна за најголемиот дел од нив

Техеран, исто така, како што стои во извештајот, давал поддршка и на екстремистички групи во Бахреин, Ирак и Сирија, преку своите „Чувари на исламската револуција“, со цел создавање на дестабилизација во регионот, се додава во извештајот на Стејт департментот.

Покрај ова, во годинешниот извештај за тероризам се вели и дека во Авганистан, каде владеат талибанците, во текот на минатата година, биле активни и членовите на Ал-Каеда, групата „Исламска држава“, како и регионални терористички групи.

Сепак, во извештајот се споменува и дека „САД се уште немаат одлучено дали ќе ги признаат талибанците или кој било друг ентитет како влада на Авганистан“, и се вели дека талибанците го примиле ѝ му понудиле засолништво на лидерот на „Ал-Каеда“ во Кабул, Ајман Ал Завахири, пред неговата смрт во американскиот воздушен напад во јули минатата година.