Зеќири осуден на две и пол години затвор

Архивска фотографија, поранешниот генерален секретар во владата Мухамед Зеќири пристигна на распит во судот во Скопје на 08.04.2022

Поранешниот генерален секретар на Владата, Мухамед Зеќири осуден на две ипол години затвор поради „злоупотреба на службената положба и овластување“. Во затворската казна ќе му биде пресметано и времето поминато во притвор во време траење од една година, како и да ја надомести штетата предизвикана на буџетот во вредност од 1,1 милион евра.

Според обвинението Зеќири без да спроведе јавна набавка, директно склучувал договори со правни лица кои работеле под сомнителни околности. Станува збор за јавна набавка за физибилити студија во врска со македонски пошти и Железници Транспорт. Во првиот случај се работи за консултантни услуги за реконстуирање на АД Пошта во државна сопственост, а второто за консултантски услуги за поддршка на процесот на потенцијална приватизација на „ЖРСМ Транспорт“ АД Скопје.

Тој беше обвинет дека во периодот од април 2021 до јануари 2022 година во својство на генерален секретар на Владата, без да спроведе јавна набавка, склучил договори за консултантски услуги во вкупна вредност од речиси еден милион евра, односно биле платени 147.000 евра повеќе од претходно договорените 795.000. Истражната постапка се водеше и против две други лица државјани на Хрватска, но таа е во прекин, поради нивната недостапност на органите на прогон.

Судијката Фанка Јанчулева Михаиловска во читањето на пресудата посочи дека Зеќири како генерален секретар на Влада имал законска обврска да спроведе соодветна постапка за јавна набавка која е гаранција за заштита на јавниот интерес.

„Судот имаше во предвид дека законот за јавните набавки строго ги ограничува условите за исклучителни постапки, но не треба да се злоупотребуваат“, истакна судијката.

Видете и ова: Зеќири сведочеше против Рашковски за случајот „Софтвери“

Обвинителката Катерина Коларевиќ во своите завршни зборови истакна дека обвинетиот наместо да спроведе постапка за јавна набавка, тој склучил директно договор фирмата „Интерхолдинг дуо“, која е основана само 12 дена пред донесувањето на конкретниот заклучок на Владата.

„Од сите докази очигледно е дека од постоењето на правното лице обавува само една единствена соработка со секретаријатот на Владата, седиштето на правното лице на ден 13 април 2022 година е најдено заклучено, ниту биле најдени вработени лица. Произлегува дека правното лице единствено било основано заради извршување на договорот склучен со секретаријатот на Владата“, истакна обвинителката.

Обвинителката бара да му се конфискува имотот и парите пронајдени во сефот на сопругата на Зеќири. Судијката го одби ова барање како неосновано.

Според одбраната, Обвинителството не докажало директна умисла на делото и предлогот за одземање на парите од сефот на сопругата одбраната смета дека е незаконско барање затоа што обвинетиот доставил писмени докази за потеклото на парите.

Видете и ова: Екс секретарот на Владата Мухамед Зеќири не се чувствува виновен

Зеќири во завршните зборови се изјасни за невин, затоа што, како што вели дека само извршувал активности за кои бил задолжен со одлука на Владата во која немало предвидено спроведување на тендер.

„Ако кривичното дело злоупотреба на положбата може да се стори исклучиво со умисла, никако не можам да бидам обвинет за такво кривично дело бидејќи јас извршував само туѓа замисла“, посочи тој.

Видете и ова: Судскиот процес против Зеќири вратен на почеток

Со измените на кривичниот законик, судењето почна од почеток, а беше изменето и обвинението со кое за делото „злоупотреба на службена положба и овластување“ во кривичниот законик е предвидено казна една до пет години, за разлика од претходно, кога му се ставаше на товар истиот член под став 5, кој предвидуваше минимална казна затвор од 5 години.