Неколку стотини полицајци ја бараат 14-годишна Вања Ѓорчевска при што се преземаат опсежни активности, изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, на петиот ден од потрагата по девојчето кое исчезна во понеделникот на пат кон училиште.
Во изјава за медиумите дадена по посетата на СВР Скопје, Спасовски рече дека се сослушани десетици лица и дека се вештачат електронските уреди од семејството и од девојчето. Тој рече дека не може да споделува информации за исчезнатото девојче, туку може да каже што досега презела полицијата.
„Се пребаруваше и речното корито на Вардар, се пребаруваат сите подрумските простори не само во околината, туку и пошироко. Се работеше и на добивање податоци од црквите и манастирите во околината на Скопје и тука нема да се застане, интензивно се работи“, рече Спасовски.
Видете и ова: МВР објави фотографија и опис од исчезната малолетничка од Скопје, апелираат да не се шират дезинформацииТој додаде дека полицијата прегладала повеќе од 50 камери.
„Целосно е во функција системот „безбеден град“ каде исто така се преземаат мерки. Сите податоци од телеком операторите кои може да бидат важни се прегледани. Десетици и десетици лица се преслушани за информации за овој настан. Преземени се електронските уреди од семејство и од девојчето, се вештачат, еден дел се земени податоците. Имаме опсежна активност и тука нема да се застане“, рече Спасовски.
Вања исчезна во понеделникот(27.11) рано наутр,о на пат кон училиште. Последниот сигнал од нејзиниот телефон се губи спроти Универзална сала на булеварот „Партизански одреди“ во Скопје.
МВР објави и нејзина фотографија и опис во листата на исчезнати, а по неа трага и Интерпол. За исчезнувањето на Вања информираат и во медиумите во регионот.