Два часа во денот дополнително, домаќинствата ќе имаат евтина тарифа почнувајќи од денеска. Во терминот од 13 до 15 часот струјата ќе биде тарифирана по пониска цена, со што со претходниот режим од 22 до 7 часот наутро вкупно во едно деноноќие 11 часа ќе бидат на располагање со евтина електрична енергија. Ваквото тарифирање ќе важи од понеделник до сабота и 24 часа во недела.
Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) во декември 2021 година одлучи да ја укине евтината дневна тарифа за домаќинствата заради цената на електричната енергија на берзите која се движеше од 300 до 400 евра за мегават час, а во текот на денот достигнуваше и до 500 и 600 евра па и повеќе. Сега, како што вели претседателот на РКЕ Марко Бислимоски, евтината дневна тарифа не се враќа заради политиката, туку заради фактот што цената на електричната енергија на пазарот во текот на денот, особено во периодот од март до ноември, е за два до три пати пониска отколку во текот на ноќта.
Видете и ова: ЕВН ќе ја пресметува цената, Регулаторна ќе ја „аминува“
„Од денеска стартува дневната евтина тарифа за домаќинствата. Ќе важи од 13 до 15 часот. Оваа одлука е пазарен механизам затоа што преку ден цената за струја на берзите е до три пати поевтина отколку навечер и е практичен резултат на Елдорадото на фотоволтаици,“ изјави Бислимоски.
РКЕ неодамна донесе Тарифен систем за продажба на електрична енергија на потрошувачите кои ги снабдува универзалниот снабдувач и снабдувачот во краен случај со кој се утврдува дека евтината дневна тарифа стартува од 1 декември 2023 година во периодот од 13 часот до 15 часот.
„РКЕ по направените анализи оцени дека се создадени услови домаќинствата да користат дополнителни часови во коишто надоместокот за потрошената електрична енергија ќе се пресметува по евтина тарифа. Податоците укажуваат дека инвестицискиот циклусот во обновливи извори на енергија го зголеми производството на електрична енергија со што директно се влијаеше врз намалување на цената преку ден, појасни Бислимоски.
Според него, денеска евтина дневна тарифа ќе добијат сите потрошувачи кои имаат броила што се читаат од далечина, а до крајот на месецов околу 90 проценти од домаќинствата. Проблем ќе бидат домаќинствата кај кои се недостапни броилата.