Министерството за надворешни работи(МНР) на Северна Македонија потврди дека денеска (30 ноември) на маргините на 30-ти Министерски совет на ОБСЕ, актуелниот претседавач со ОБСЕ, Бујар Османи ги повикал министерот за надворешни работи на Малта, Јан Борг и министерот за надворешни работи на Руската Федерација, Сергеј Лавров.
„Средбата беше свикана со цел да се обезбеди натамошното функционирање на институциите на ОБСЕ, во контекст на специфичните околности во кои се наоѓа Организацијата“, соопшти МНР.
Малта е земјата за која се очекува да го преземе претседавањето со ОБСЕ за 2024 година.
Видете и ова: Средба на Лавров со актуелниот и со идниот претседавач на ОБСЕ, објави руската амбасадаПретходно денеска, Амбасадата на Руската Федерација во Скопје објави фотографија од средбата на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук. Во објавата немаше други информации за средбата.
По почетокот на руската инвазија во Украина, ОБСЕ како организација се соочи со тешкотии во функционирањето поради ветата што ги ставаше Москва на одлуките што мора да се носат со консензус од 57-те земји членки. Оттука и на Министерскиот состанок во Скопје се гледа како клучен за иднината на ОБСЕ. Еден од главните предизвици беше да се најде земја што ќе го презеде претседателството од Северна Македонија во 2024 година.
На 27 ноември, неколку дена пред почетокот на Министерскиот состанок, министерот за надворешни работи Бујар Османи објави дека на подготвителен состанок бил постигнат консензус Малта да биде иден претседавач со ОБСЕ, одлука што треба да биде потврдена на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје.