Руската група за човекови права „Меморијал“ ја призна како политичка затвореничка Алсу Курмашева, новинарка на Радио Слободна Европа (РСЕ), која е во руски притвор од 18 октомври.
Курмашева, новинарка на татарско-башкирската служба на РСЕ од Прага, Чешка, која има двојно американско и руско државјанство, отпатува во Русија поради итен семеен случај во мај годинава.
Таа беше привремено задржана на 2 јуни додека го чекаше повратниот лет на аеродромот во Казан, каде ѝ беа одземени двата пасоши.
На 11 октомври, властите ја казнија Курмашева со 10.000 рубли (103 долари) затоа што не го регистрирала нејзиниот американски пасош кај руските власти, според извештаите на локалните медиуми врз основа на судските документи.
Курмашева на 18 октомври повторно беше приведена поради сомнение дека не се пријавила како странски агент, што е кривично дело за кое максималната казна е пет години затвор.
Истражниот комитет објави дека Курмашева е осомничена дека „не ја исполнила обврската утврдена со законодавството на Руската Федерација да ги достави до надлежниот орган документите потребни за регистрација во регистарот на странски агенти“. Курмашева и РСЕ ги негираат обвинувањата.
Притворот на Курмашева предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои предупредуваат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Сергеј Давидис, претставник на групата „Меморијал“ и водач на проектот „Поддршка на политичките затвореници“, за РСЕ изјави дека Курмашева е признаен како политички затвореник бидејќи го смета за незаконски членот од рускиот Кривичен законик за странски агенти и неговата поврзаност со таканареченото „намерно собирање информации во во подрачје на воените ивоено-технички активности на Русија“.
„Податоците за кои станува збор не се класифицирани и не е нелегално да се собираат такви податоци“, рече Давидис, истакнувајќи дека руската Федерална служба за безбедност (ФСБ) дала нејасно објаснување за тоа што може да се смета за забрането собирање податоци.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Давидис додаде дека „Меморијал“ смета дека кривичното гонење и евентуалното осудување на лица за неисполнување на „таканаречената обврска доброволно да се декларираат како странски агенти“ е нелегално.
„Покрај тоа, во случајот (Курмашева) гледаме конкретни политички цели кои беа очигледни од начинот на кој беше извршен прогонот. Таа најпрвин беше приведена и осудена затоа што не го пријавила своето второ државјанство, а дури потоа, по очигледно размислување, тие отворија уште еден случај“, рече Давидис.
Како што рече, ова е прва кривична постапка и апсење од ваков вид.
„Ова јасно укажува на вештачката основа на целата конструкција. За ова незаконско обвинение се размислувало долго време пред да биде употребено. Барале нешто да ѝ ја одземе слободата“, додаде тој.
Руското приведување на Курмашева, која е втор американски новинар приведен од Москва оваа година, предизвика бран критики од групите за човекови права и политичарите кои велат дека овој потег сигнализира ново ниво на воена цензура.
Русија е обвинета за приведување Американци со цел да ги користи како договор за пазарење за Русите затворени во САД. Репортерот на „Вол Стрит Журнал“, Еван Гершкович, беше уапсен во март под обвинение за шпионирање, обвиненија кои тој и весникот жестоко ги негираат.
Од 2012 година, Русија го користи својот таканаречен закон за странски агенти за да ги етикетира и казнува критичарите на владините политики. Исто така, се повеќе се користи за затворање на граѓанското општество и медиумските групи во Русија откако Кремљ ја почна својата инвазија на Украина.
Амнести интернешенел, канцеларијата за човекови права на ОН, Комитетот за заштита на новинарите и претседателот на Комитетот за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД повикаа на итно ослободување на Курмашева.
Законот за странски агенти им дозволува на властите да ги означат непрофитните организации како „странски агенти“ доколку добиваат средства од странство и учествуваат во политички активности.
Од РСЕ нагласуваат дека овој закон претставува политичка цензура со цел да се оневозможи новинарите да ги извршуваат своите професионални должности.
Повеќе од 30 вработени во Радио Слободна Европа се наведени како „странски агенти“ од Министерството за правда на Русија.
Заедно со Курмашева, во затвор во моментов се и новинарите на РСЕ, Андреј Кузнечик, Ихар Лосик и Владислав Јесипенко, поради обвиненија поврзани со нивната работа. Групите за човекови права и РСЕ постојано повикуваа на нивно ослободување.