Климатски самит во Дубаи-повик за решавање на прашањето со фосилните горива

Султан ал - Џабер, претседател на конференцијата за климатски промени КОП28, Дубаи, 30 ноември 2023

Султан ал - Џабер, претседател на конференцијата за климатски промени КОП28 на Обединетите нации(ОН), го отвори самитот во Дубаи денеска (30 ноември), повикувајќи ги земјите и компаниите кои произведуваат фосилни горива да работат заедно за да ги исполнат глобалните климатски цели, пренесе Ројтерс.

Националните влади се подготвуваат за маратонски преговори за тоа дали да се договорат, за прв пат, постепено да се укине употребата на јаглен, нафта и гас, кои емитуваат јаглероден диоксид (CO2) во светот, како главен извор на стакленички гасови и на глобалното затоплување.

Џабер, кој е и главен извршен директор на националната нафтена компанија на Обединетите Арапски Емирати, се обиде да постигне помирувачки тон по неколкумесечните критики за неговото назначување на чело на КОП28.

Видете и ова: Гутереш порача КОП28 да се заложи за напуштање на фосилните горива


Во своето воведно обраќање, Џабер призна дека постоојат „цврсти позиции за идејата за спомнување на фосилните горива и обновливите извори на енергија во заеднички контекст во преговарачкиот текст“.

„Но, ве молиме, работете заедно. Од суштинско значење е ниту едно прашање да не се остави настрана. И да, како што реков, мора да бараме начини да ја земеме предвид важноста на улогата што ја играат фосилните горива“, рече Џабер.

Тој ја пофали одлуката на неговата земја „проактивно да се ангажира“ со компаниите за фосилни горива и истакна дека многу национални нафтени компании усвоиле нето-нулти цели до 2050 година.

„Благодарен сум што решија да се приклучат на ова патување кое ќе донесе големи промени за сите. Но, морам да кажам дека тоа не е доволно и знам дека можат многу повеќе“, рече Џабер.

Претседателството на КОП28 доцна во средата(29.22) објави предлог земјите официјално да усвојат нацрт на нов фонд на ОН за сиромашните земји погодени од климатски катастрофи како што се екстремни поплави или постојани суши.

Раниот напредок околу Фондот за отштети што посиромашните земји го бараат со години може да помогне да се направат други компромиси за време на двонеделниот самит.