Владата на Косово го продолжи рокот за пререгистрација на возилата од српски на косовски таблички

Косово: Луѓе чекаат за пререгистрација на автомобилите во Северна Митровица

Владата на Косово денеска (30 ноември) донесе одлука да го продолжи рокот за пререгистрација на возилата од српски на косовски таблички за уште 15 дена.

„Оваа промена дојде како резултат на многуте барања и големиот интерес за регистрација на возила со регистарски таблички РКС“, се наведува во соопштението.

Продолжување на рокот до 15 декември претходно побара и Управата на косовската полиција за северниот регион.

Заменик-директорот на полицијата за северниот регион, Ветон Елшани, за Радио Слободна Европа (РСЕ) изјави дека вакво барање е испратено до централните власти бидејќи во центрите за пререгистрација е забележана голема турканица.

„Има некои автомобили со технички проблеми, ако има технички проблеми луѓето не можат да одвојат цел ден да потврдат дека автомобилот е исправен, па потоа осигурувањето.... Забележавме технички проблеми и затоа побаравме од Министерството да го продолжи рокот , но тоа не значи дека така и ќе биде“, изјави Елшани.

Видете и ова: Пререгистрација на автомобили на северот на Косово


Рокот за пререгистрација на автомобили од српски на косовски регистарски таблички е продолжен на 1 ноември за еден месец, односно жителите на Северна Митровица, Лепосавиќ, Звечан и Зубин Поток имаат рок до 1 декември да ги заменат табличките КМ (Косовска Митровица) со РКС (Република Косово).

Табличките со ознака КМ или друг град во Косово и издадени од српските власти се нелегални за Косово. Сепак, досега тие се толерираа на север, додека во српските области јужно од реката Ибар беа укинати пред повеќе од десет години.

Според проценките на српскиот граѓански сектор, во општините на север имало околу 10.000 возила со таблички КМ. Според податоците на косовското МВР, во последниот месец во РКС се пререгистрирани речиси 4.000 возила.

Видете и ова: Косовската полиција од утре ќе почне да казнува возила со српски таблички


Елшани предупредува дека, доколку МВР на Косово не одобри продолжување на рокот за пререгистрација, косовската полиција од 1 декември нема да дозволи движење со таблички КМ.

„Ќе стопира само редовната полиција (не специјалната полиција која е присутна на северот на Косово). Се земаат регистарските таблички и се пишува казна од 150 евра. Ако возите без регистарски таблички, автомобилот ќе ви биде одземен“, кажа Елшани.

Прашањето за регистарските таблички на КМ е актуелно од минатата година и предизвика низа кризи на северот на Косово, излегување на Србите од косовските институции, протести и барикади