Рускиот суд го прогласи ЛГБТ движењето за „екстремистичко“

Рускиот Врховен суд пресуди дека ЛГБТ движењето е „екстремистичко“, а овој потег, според предупредувањата на организациите за заштита на човековите права, ќе ѝ овозможи на Русија да изврши уште поголем притисок врз геј и врз трансродовите лица.

На 17 ноември руското Министерство за правда побара од Врховниот суд на земјата да прогласи, како што го нарекува, „меѓународното ЛГБТ социјално движење“ за „екстремистичка“ организација, која влева страв во ЛГБТ заедницата, пишува Радио Слободна Европа (РСЕ) на англиски јазик.

Министерството во соопштението во кое ја најави тужбата наведе дека властите идентификувале „знаци и манифестации од екстремистичка природа“ во „активностите на ЛГБТ движењето“ во Русија, вклучително и „поттикнување социјален и верски раздор“.

Видете и ова: Руските власти побараа од Врховниот суд да го прогласи ЛГБТ движењето за „екстремистичко“


По сослушувањето зад затворени врати, Врховниот суд денеска (30 ноември) објави дека го одобрил барањето на Министерството за етикетирање на „меѓународното социјално движење ЛГБТ“ како екстремистичко, со што се забрануваат неговите активности во Русија.

Руските организации за човекови права побараа од Врховниот суд да го одбие барањето, предупредувајќи дека „невозможно е да се нарече група луѓе „социјално движење“ само затоа што ги обединуваат некои лични карактеристики“.

Овој потег го претставува најновиот и најдрастичен чекор во децениското задушување на правата на ЛБГТ во Русија, започнато во времето на претседателот Владимир Путин, кој „традиционалните семејни вредности“ ги постави како темел на неговото владеење.

Видете и ова: Унгарија го смени директорот на музејот поради прикажување ЛГБТ содржини на помлади од 18 години


Некои ЛГБТ активисти стравуваат дека екстремистичката етикета ќе биде насочена кон кој било член на заедницата, без оглед на нивната вклученост во ЛГБТ организациите.

Игор Кочетков, активист кој ја предводи организацијата наречена „Руска ЛГБТ мрежа“, претходно изјави дека ЛГБТ организациите ќе бидат принудени да се затворат, да одат во илегала или да работат од странство доколку Судот се согласи со Министерството за правда.

„Правната активност на ЛГБТ организациите и иницијативите во Русија ќе станат невозможни“, рече тој во објава на Телеграм на 17 ноември, денот кога руското Министерство го поднесе својот случај до Врховниот суд.

Според рускиот закон за екстремизам, кој беше усвоен во 2002 година, секоја назначена организација всушност е забранета, а оваа мерка е променета и заострена со текот на годините.

Други групи кои се сметаат за екстремистички се Фондацијата за борба против корупцијата на Алексеј Навални, Јеховините сведоци и од неодамна Мета, матичната компанија на социјалната мрежа Фејсбук.

Видете и ова: Руските пратеници усвоија закон против трансродовите лица

Укинувањето на правата на ЛГБТ луѓето во Русија започна пред една деценија. Во 2013 година, Кремљ го донесе првиот закон за ограничување на правата на ЛГБТ, познат како закон за „геј пропаганда“, забранувајќи секакво јавно прикажување на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу малолетници.

Во 2020 година, Путин направи уставна реформа за да го продолжи своето владеење за уште два мандати, со што исто така се забрануваат истополови бракови. По започнувањето на инвазијата на Украина во 2022 година, Кремљ ја засили својата реторика за заштита на „традиционалните вредности“ од, како што го нарече „понижувачко“ влијание на Западот.

Во истата година, властите донесоа закон со кој се забранува пропаганда на „нетрадиционални сексуални односи“ меѓу возрасни. Друг закон донесен во 2023 година забранува медицинска промена на полот, како и промена на пол во документи и јавни досиеја. Сменет беше и „Семејниот законик“ на Русија, кој ја наведува промената на полот како причина за поништување на бракот и им забранува на оние кои го промениле полот да станат згрижувачки родители или посвоители.