За опозициската ВМРО-ДПМНЕ е прифатливо во понеделник да се одржи лидерска средба поврзана со изборите, изјави денеска на прес-конференција портпаролката на оваа партија Марија Митева, одговарајќи на повикот за лидерска кој синоќа го упати премиерот Димитар Ковачевски.
Митева рече дека понудата за лидерска средба в понеделник ја слушнале од медиумите, но посочи дека од партијата има расположение истата да се одржи на 4 декември по 11 часот.
„Од медиумите дознавме дека премиерот Ковачевски закажува лидерска средба за понеделник која што е поврзана со изборите. Таквата комуникација преку медиуми за вака важни прашања е негов избор. Лидерска средба е секако прифатлива за во понеделник, на која ние очекуваме да се разговара конечно за прецизирање на датумот за избори, прифаќање на забелешките на ОБСЕ/ОДИХР, како и понудата за укинување на техничка влада, во замена за тоа да нема технички премиер од ДУИ. Воедно бидејќи се одлучи за комуникација преку медиуми, замолуваме средбата да биде после 11 часот во понеделник бидејќи претседателот на ВМРО-ДПМНЕ има часови со студентите на Машинскиот факултет каде работи како редовен професор“, истакна Митева.
Од владејачката СДСМ пак, одговорија дека лидерската средба ќе се одржи в понеделник со почеток од 12 часот.
Видете и ова: Ковачевски: Лидерска средба в понеделник„Жалиме што ќе мора да му ја пореметиме агендата на Христијан Мицкоски, кој очигледно, како што потврдува неговата ДПМНЕ работи само два часа во текот на денот, од 09-11 часот. Средбата во понеделник, 4-ти декември 2023 година ќе биде во 12:00 часот“, стои во партиското соопштение на СДСМ.
Премиерот Димитар Ковачевски синоќа на заедничката прес-конференција со потпретседателот на ЕК и висок претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел, кажа дека денеска ќе упати покана за средба до сите претседатели на парламентарните политички партии, како и до претседателот на Собранието.
Како теми за средбата ги посочи евроинтеграцијата, редовните претседателски и парламентарни избори, како и измените на Изборниот законик согласно препораките на ОБСЕ/ОДИХР. Пред неколку дена тој кажа дека форматот на средбата ќе биде ист како на претходната што се одржа во Собранието.