„Народот во Украина заслужува мир и војната мора да запре, постигнувањето на праведен и одржлив мир преставува императив. Оваа војна продолжува да ги поткопува и темелите на ОБСЕ, затоа како клучно безбедносно прашање на нашиот регион, централен приоритет за нашето претседавање е суштинска поддршка за Украина“.
Ова го изјави македонскиот премиер Димитар Ковачевски во своето обраќање на денешниот 30- ти министерски состанок на ОБСЕ кој се одржува во Скопје.
„Секој изминат ден и изгубени животи, се сурова потврда на оцената дека воената агресија претставува акт на флагрантно кршење на Повелбата на Обединетите нации, принципите и заложбите на ОБСЕ, како и основните премиси на меѓународното право, но пред сè на вредностите на хуманоста“, додаде Ковачевски.
Коментирајќи го бојкотот на одредени земји кои не испратија свои министри на состанокот, премиерот рече дека тоа е на некој начин порака за, како што посочи „неоправданата агресија на Русија врз Украина“.
„Ова апсолутно не е никаква дипломатска победа на Русија, ова е дипломатска победа на ОБСЕ со оглед на тоа дека беше доведено во прашање функционирањето на ОБСЕ. Со ова ОБСЕ ќе продолжи да функционира, ќе продолжи да биде гарант на обезбедување на развој на демократските и на мирните процеси во Европа,“ рече Ковачевски.
Тој информираше дека нема да има средба со рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Во својот говор посочи дека во рамки на македонското претседавање со ОБСЕ должно внимание е посветено и на сите замрзнати конфликти и регионални нестабилности низ ОБСЕ регионот, како процесот за решавање на Транснистрија, ситуацијата во Јужен Кавказ и кризата во Нагорно Карабах, тензиите на северот на Косово.