Руското министерство за надворешни работи соопшти дека, доцна синоќа (29 ноември) на Меѓународниот аеродром „Скопје“ слетал авионот на шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров. Лавров бил пречекан од рускиот амбасадор во земјава Сергеј Баздникин.
Рускиот шеф на дипломатијата ќе присуствува на Триесеттиот министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа - ОБСЕ, на кој учествуваат околу 1000 делегати од 57 земји членки на Организацијата и земји партнери.
Видете и ова: Неформална вечера на Министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје
На најголемиот меѓународно-политички настан организиран во земјава од независноста присуствуваат шефовите на дипломатиите на најголем број од земјите-учеснички на ОБСЕ - САД, Канада, Велика Британија, министри од земјите-членки на ЕУ и на НАТО, од Медитеранот, Блискиот Исток и Централна Азија.
Шефот на руската дипломатија пристигна во Скопје по завршувањето на неформалната вечера на министрите за надворешни работи и шефовите на делегации на земјите членки на ОБСE. На вечерата, меѓу другите, присуствуваше и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, кој пристигна во Скопје во среда попладне. Веднаш по нејзиното завршување, околу 21 часот, шефот на американската дипломатија замина од земјава, во посета на Израел.