Лидерска средба за договор за изборите закажа премиерот Димитар Ковачевски за в понеделник, 4 декември. На лидерската треба да учествуваат претставници на сите парламентарни политички партии и претседателот на Парламентот Талат Џафери. Ковачевски ја најави лидерската на заедничката – прес конференција на 29 ноември со шефот за надворешна политика на Европската унија, Жозеп Борел, кој е во Скопје.
Поканата за учество на лидерската средба Ковачевски ќе ја испрати утре.
„Ќе се разговара за евроатланските интеграции на земјата, за одржување на редовни претседателски и парламентарни избори и за измените на Изборниот законик“, изјави премиерот Димитар Ковачевски.
Борел на оваа прес конференција меѓу другото порача дека европскиот пат на земјата треба да биде пред и над партиските превирања.
„ Ако сакате да одите по патот на ЕУ мора да го завршите процесот на усвојување на уставните измени и да напредувате во клучните реформи, тоа е во интерес на сите граѓани на оваа земја. Тоа не е нешто што ќе донесе корист на една политичка партија, туку корист за целиот народи и за Северна Македонија како земја. Се надевам дека со носењето на новиот деловник за работа, со меупартиска поддршка, тоа е добар преседан, и се надевам дека ќе следат понатамошни позитивни чекори за ова Собрание и за наредното Собрание по изборите секако, кога и да се оддржат тие“ изјави Борел.
Власта и опозицијата имаа различни мислења за терминот за одржување на претседателските и на парламентарните избори, кои треба да се одржат следната година. Опозицијата бара тие да се одржат во ист термин, а власта беше на став да бидат одвоени. Но во изминатите недели има најави дека можно е да бидат во исто време.
Видете и ова: Ако изборите бидат на 8 мај, техничка влада во јануари, а распишување во февруариПретседателот на Собранието, Талат Џафери на 27 ноември изјави дека според најавите и претпоставената динамика, ако парламентарните и претседателските избори би се одржале заедно на 8 мај, распишувањето треба да се направи 70 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 февруари.
Ако изборите се одржат споено, тогаш според Пржинскиот договор треба претходно да биде формирана и техничка Влада на 100 дена пред изборите, а тоа е на 27 или 28 јануари.
Следните парламентарни избори треба да бидат 11 по ред од осамостојувањето на земјата од поранешна Југославија и воведувањето на политички плурализам.
Досега се одржани и шест избори за Претседател на државата. Првиот мандат на Киро Глигоров бил даден врз основа на избор од страна на Собранието, согласно тогашните уставни решенија.