Косовската полиција уапси неколку луѓе на протестот во Приштина на 29 ноември, организиран поради посетата на претседателка на Специјалниот суд, Екатерина Трендафилова, кој ги истражува наводните злосторства на Ослободителната војска на Косово.
Демонстрантите фрлија солзавец во близина на хотелот каде што требаше да се одржи средба со граѓанскиот сектор. Протестот го организираше вонпарламентарната Социјалдемократска партија на Косово.
Според информациите од Социјалдемократската партија, полицијата уапсила шест нивни членови, меѓу кои и лидерот на таа партија Дардан Молиќај. Косовската полиција не ги коментираше овие наводи.
Демонстрантите носеа транспаренти со натписи „На ОВК не може да ѝ се суди“, „Трендафилова надвор“, а тие извикуваа „Долу Специјалниот суд“. Трендафилова денеска допатува во работна посета на косовскиот главен град на средба со претставници на граѓанското општество, во рамки на Програмата на меѓународниот трибунал за комуникација и подигнување на јавната свест.
Претседателот на Социјалдемократската партија Дардан Молиќај на протестот, пред да ескалира, изјави дека целта на собирот е да се спротивстави на посетата на Трендафилова на Косово.
Видете и ова: Блинкен порача дека никој не сака враќање на конфликтите на Балканот„Секогаш кога бевме поблиску до Србија и лоши договори со Србија, имаше прогон на ОВК (Ослободителната војска на Косово). Судот има мандат да ја гони само ОВК. Мораме и ќе ја спречиме оваа средба“, изјави Молиќај.
Ова не е првпат активисти на Социјалдемократската партија да се спротивстават на престојот на Трендафилова на Косово. Тие и претходно се обидуваат да ги нарушат или спречат нејзините средби и прес-конференции.
Специјализираниот Суд ги истражува наводните злосторства извршени од припадници на Ослободителната војска на Косово против етничките малцинства и политичките ривали од јануари 1998 година до декември 2000 година. Седиштето на овој суд е во Хаг, но работи во согласност со законите на Косово.