Американскиот државен секретар Ентони Блинкен изјави дека никој не сака враќање на конфликтите во регионот на Западен Балкан.
„Кога ја презедов функцијата пред три години, центарот на нашата грижа беше Балканот: Босна и Косово. Едно нешто што не ни треба е враќање на конфликтот на Балканот“, рече Блинкен во Брисел, каде што учествуваше на состанок на министрите за надворешни работи на земјите на НАТО.
Тој нагласи дека Алијансата има клучна улога во помагањето на земјите во регионот да напредуваат на нивниот пат кон членство во Европската Унија (ЕУ) и поширока европска стабилност.
„НАТО долго време го претставуваше столбот на безбедноста на Западен Балкан. Алијансата решително одговори на актерите кои се обидуваат да го дестабилизираат северот на Косово. Како што видовме на почетокот на оваа година, со распоредување дополнителни трупи во КФОР, ја продлабочуваме соработката со силите предводени од ЕУ во Босна и Херцеговина“, изјави американскиот државен секретар.
Видете и ова: Американскиот државен секретар Блинкен попладне во СкопјеКако „критичен дел од целата дискусија“ за време на дводневниот министерски состанок, тој ја оцени дискусијата за состојбите во Западен Балкан, што се одржа вечерта на 28 ноември.
На 28 ноември, генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, изрази загриженост за растечките тензии во регионот на Западен Балкан и ја потврди подготвеноста на Алијансата да направи се, за да се обезбеди безбедност во регионот.
Неговите изјави доаѓаат по посетата на Западен Балкан, каде што се сретна со највисоките претставници и изрази загриженост за руското влијание во регионот.