Столтенберг: Русија е ослабена на економски, политички и воен план

Генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, 29 ноември 2023 година

Во војната во Украина досега настрадале повеќе од 300 илјади руски војници, соопшти денеска генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг на прес-конференција по дводневниот состанок на министрите за надворешни работи од Алијансата во Брисел.

„Русија денес е послаба на економски, политички и воен план. Политички, Русија го губи влијанието, не само во Украина, туку и во Кавказ и Централна Азија, станувајќи се позависна од Кина и ставајќи ја својата иднина во рацете на Пекинг. Воено, Русија загуби значителен дел од своите сили - стотици авиони, илјадници тенкови и над 300 илјади жртви. Истовремено, Москва губи економски поради падот на приходите од продажба на горива, поради запленувањето на имотот на руските банки, со прекинот на активностите на повеќе од 1000 компании во земјата, со заминувањето на 1,3 милиони луѓе минатата година“, изјави генералниот секретар.

Видете и ова: „Триумфот“ на Русија на министерскиот совет на ОБСЕ во Скопје

Сепак според него не треба да се потценува Русија, која ја доведе својата економија во режим на војна.

„Путин има висока толеранција за жртви и Русија не ги променила своите цели во Украина. Во пресрет на зимата, руската страна акумулираше значителни залихи ракети. Гледаме нови руски обиди да ја погоди украинската инфраструктура за да ја задржи Украина во мрак и студ“, додаде Столтенберг.

Во исто време, тој рече дека од почетокот на војната, Украина ги добила битките за Киев, Харков и Херсон. Тој истакна дека во Црното Море, Украинците ја одбиле руската флота и поставиле коридори за извоз на жито.

Според него, НАТО подготвува долгорочна програма за да му помогне на Киев да премине на воена опрема според стандардите на алијансата и целосна компатибилност со сојузничките сили.