Русија објави дека западните земји се обиделе да ги спречат нејзините претставници да присуствуваат на годишната министерска конференција на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ).
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, поради европските санкции, мораше да побара дозвола за прелетување на воздушниот простор на ЕУ за да присуствува на дводневниот состанок што започнува на 30 ноември во Скопје.
Украина и балтичките земји најавија дека ќе го прескокнат состанокот поради присуството на Лавров, тврдејќи дека Русија треба да биде исклучена поради нејзината офанзива во Украина.
„Гледаме обиди на Западот да стори сé што е можно за да го спречи нормалното учество на нашата земја на оваа средба“, изјави портпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова на 29 ноември.
Видете и ова: Скопје под делумна блокада - Ќе пречека 76 делегации на ОБСЕТаа обвини некои земји, без да прецизира кои од нив, дека го загрозуваат „самото постоење на организацијата, само за да ги задоволат нивните амбиции“.
Кога Полска беше домаќин на годишниот состанок минатата година, не му дозволи на Лавров да влезе во земјата, што предизвика реакција од Москва.
Но, Бугарија најави дека ќе го отвори својот воздушен простор за рускиот министер со тоа што ќе направи дипломатски исклучок, што пак предизвика бурни реакции од Украина, Естонија, Летонија и Литванија.
Високиот претставник на ЕУ за надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел изјави дека ќе присуствува на состанокот во Скопје, но нема директно да се сретне со Лавров.