Државниот секретар на САД, Ентони Блинкен во среда (29 ноември) се очекува од Брисел каде што учествува на состанокот на НАТО попладнево да замине за Северна Македонија, каде што ќе учествува на Триесетиот министерски состанок на ОБСЕ што се одржува утре и задутре во Скопје.
Во Брисел, секретарот Блинкен ги продолжува состаноците со министрите за надворешни работи на НАТО, вклучувајќи го и првиот состанок на министрите за надворешни работи на Советот НАТО-Украина, а ќе има и посебна средба со украинскиот министер за надворешни работи Дмитри Кулеба.
„Секретарот Блинкен ќе ја истакне цврстата посветеност на НАТО кон Украина во нејзината борба против руската агресија, ќе ја нагласи нашата поддршка за демократијата и регионалната стабилност на Западен Балкан и ќе разговара за приоритетите на Самитот во Вашингтон во јули 2024 година“, соопштија од Стејт Департментот.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Од Македонското министерство за надворешни работи велат дека Блинкен ќе допатува во Скопје попладне (29 ноември) по што околу 17 часот ќе има средба со претседавачот со ОБСЕ, Бујар Османи.
По средбата американскиот државен секретар Блинкен ќе присуствува на работната вечера што се органиизра на маргините на министерскиот состанок на ОБСЕ што започнува утре. На вечерата, според извори во македонското МНР и од ОБСЕ засега не се споменува евентуално присуство на рускиот шеф на дипломатијата Лавров, ниту пак се открива кога тој ќе пристигне во Скопје.
Од Стејт департментот посочуваат дека за време на посетата на Северна Македонија, секретарот Блинкен ќе се ангажира со колегите од ОБСЕ, потврдувајќи ја цврстата посветеност на Соединетите Држави кон ОБСЕ и нејзината основна мисија за унапредување на безбедноста, стабилноста и соработката меѓу државите, со посебен акцент на човековите права и мирното решавање. на спорови. Секретарот Блинкен, исто така, ќе ја истакне клучната улога на ОБСЕ во унапредувањето на сеопфатната безбедност во регионот и ќе и се заблагодари на Северна Македонија за нејзината лидерска улога.
Бугарија го отвори небото за авионот на рускиот министер, откако тој претходно рече дека ќе присуствува на состанокот ако Бугарија го направи тоа.
Претходно, македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.