Северна Македонија ќе биде домаќин на 30-тиот Министерски совет на Организацијата за безбедност и соработка во Европа ОБСЕ што ќе се одржува во Скопје од денеска до 1 декември, на кој се очекува да присуствуваат околу 1000 делегати.
На најголемиот политичко-дипломатски настан што се случил во државава од осамостојувањето, ќе учествуваат 76 делегации од 57 земји членки и држави партнери на Организацијата.
Состанокот ќе го одбележи присуството на првите дипломати на САД и Руската Федерација Ентони Блинкен и Сергеј Лавров, што го прави еден од ретките настани на кој ќе се најдат двајцата на исто место од почнувањето на руската инвазија на Украина во февруари 2022 година. Иако засега нема најава за средба на Блинкен и Лавров, аналитичарите не ја исклучуваат можноста за разговори за евентуално решение на конфликтот во Украина.
Американскиот државен секретар Блинкен доаѓа денеска, а учеството на ОБСЕ ќе го почне со билатерална средба со министерот за надворешни работи и претседавач на ОБСЕ Бујар Османи.
Видете и ова: Здравствените установи ќе работат без прекин за време на министерскиот состанок на ОБСЕ во СкопјеЗа доаѓањето на шефот на дипломатијата на Руската Федерација Лавров, земјава и Бугарија времено ги суспендираа санкциите воведени од ЕУ за прелети на руски авиони поради руската агресија на Украина.
По потврденото присуството на Лавров, форумот решија да го бојкотираат министрите за надворешни работи на Украина Дмитри Кулеба и на балтичките земји - Естонија, Летонија и Литванија.
На министерскиот состанок се очекуваат одлуки за изборот на претседавач за 2024 година, за што на подготвителниот состанок на амбасадори на 57-те земји членки неделава во Виена е постигнат консензус тоа да биде Малта, а треба да се одлучува и за буџетот, како и за именувања за клучните позиции во институциите на ОБСЕ.
Министерскиот совет ќе започне вечер со неформална вечера на која ќе учествуваат дел од шефовите на дипломатиите на државите - учеснички на ОБСЕ. Официјално форумот ќе биде отворен утре во Спортскиот центар „Борис Трајковски“ кој е пренаменет и подготвен за Министерскиот состанок.
Видете и ова: „Триумфот“ на Русија на министерскиот совет на ОБСЕ во СкопјеСпоред агендата објавена од МНР утре предвидена е можност за изјави на шефовите на делегации при пристигнувањето во спортскиот центар. Министерскиот совет треба да започне утре во 10 часот, а медиумите ќе можат да го проследат отворањето на пленарната сесија.
На првиот ден предвидени се и два пропратни настани: Потпишување на заедничката изјава за борба против корупцијата во Југоисточна Европа преку враќање на имотот и користење на дигитализација по кој ќе следи и адресирање на влијанието на климатските промени врз човековата безбедност во областа на ОБСЕ.
Вториот ден ќе се одржат три придружни настани на тема „Млади и граѓанско општество“, „Се работи за луѓето - влијанието на теренските операции на ОБСЕ во 2023 година“ и „Зачувување на плурализмот – безбедност на жените новинарки“.
Министерскиот совет на ОБСЕ ќе го следат над 300 новинари од земјава и од странство.