Здружението на Украинци во Република Северна Македонија, „Лесја Украинка“, изразија незадоволство во врска со најавената посета на земјава на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој планира да учествува на состанокот на министрите на ОБСЕ кој ќе се одржи во Скопје.
„Иако од Владата тврдат дека доаѓањето на Сергеј Лавров во Скопје нема да значи неговото доаѓање во билатерална посета на земјава, туку во земја домаќин на ОБСЕ, сепак сметаме дека во кое својство и да доаѓа шефот на надворешно политичка институција на Русија, најважно е дека тој ја води институцијата на една терористичка земја, која веќе скоро две години секојдневно уништува мирни населени места и врши геноцид на украинското население“, се вели во пишаната денешна реакција од „Лесја Украинка“.
И покрај тоа што од „Лесја Украинка“ велат дека ја ценат досегашната поддршка на Украина од страна на Северна Македонија, сепак во нивната реакција се додава дека е „неразбирлив и неприфатлив аргументот дека Лавров ќе пристигне во земјава поради тоа што Северна Македонија е претседавач со ОБСЕ“.
Видете и ова: Украина и балтичките земји ќе го бојкотираат самитот на ОБСЕ поради поканата до ЛавровОд претходно пак, Украина, но и балтичките земји Естонија, Летонија и Литванија најавија дека ќе го бојкотираат самитот на ОБСЕ токму поради поканата на Лавров.
Пристигнувањето на Лавров беше сомнително бидејќи повеќето земји во Европа го затворија својот воздушен простор за руските авиони по инвазијата на Москва на Украина.
Но, Северна Македонија реши да направи исклучок и дозволи пристигнување на руската делегација со авион, а Бугарија исто така даде еднократна дозвола за прелетување на руски авион.
Лавров претходно изјави дека ќе дојде во Скопје доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор.
Министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје започнува утре и ќе трае до 1 декември.