Владата денеска го презентираше деветтиот пакет антикризни мерки во вредност од 662 милиони евра, а со кој, како што истакна премиерот Димитар Ковачевски, ќе бидат опфатени и 120. 000 млади лица, 40. 000 земјоделци, 187.000 пензионери, но и над 70 илјади компании.
Како што информираше Ковачевски, овие сет на мерки ќе започнат да се применуваат од 1 декември и ќе траат во наредните неколку месеци.
Со овој пакет, основците од семејства со примања под 50.000 денари, ќе добиваат по 1.200 денари месечно следните шест месеци, а за средношколците се обезбедени по 1.800 денари во истиот период. Поддршка во наредниот период ќе има и за студентите од надвор, како и за родителите на лица со попреченост до 26 години.
„Студентите што студираат надвор од местото на живеење во наредните седум месеци месечно ќе добиваат ваучери во износ од 600 до 1.200 денари, за што се предвидени два милиона евра. Во наредните пет месеци по 2.000 денари месечно ќе добиваат корисниците на надомест заради попреченост, самохрани родители, корисници на гарантирана минимална помош, и родители на деца со попреченост до 26 години. Со оваа мерка се опфатени 16 741 граѓанин, со вкупна буџетска поддршка од 2,7 милиони евра“, рече Ковачевски.
Видете и ова: Незадоволството експлодира на улица – власта „купува“ времеВо овој сет антикризни мерки педвидена е и поддршка за пензионерите со најниски примања. Па така во следните пет месеци, како што информираат од Влада, оние со пензија до 14. 000 денари, ќе добиваат по 3.000 денари месечно, додека оние кои земаат пензија од 14 до 16 илјади денари ќе добиваат плус 2. 000 денари месечно, а пензионерите пак чија пензија е од 16 до 19 илјади денари ќе добиваат по 1.500 денари месечно. За таа намена се предвидени 35 милиони евра.
Покрај овие мерки, за одржување на ликвидност на компаниите пак, поттикнување на конкурентноста и поттикнување на инвестиции во обновливи извори на енергија во приватниот сектор, предвидени се 492 милиона евра.
Покрај ова, Ковачевски истакна и дека се враќа мерката за зголемување на платите во приватниот сектор, со тоа што се дава можност платите да се покачат од 3. 000 до 10. 000 денари.
Министерот за финансии Фатмир Бесими, кој исто така присуствуваше на презентирањето на антикризните мерки, во одговор на прашање појасни дека овие мерки се финансираат од приливи од јавни давачки и дека не се финансираат од кредити, како и дека се предвидени во буџетите за 2023 и 2024 година.