Украина во вторникот соопшти дека ќе го „бојкотира“ самитот на Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ), кој треба да се одржи во Скопје на 30 ноември и 1 декември, откако беше испратена покана до рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров, кој рече дека планира да дојде во главниот град на Северна Македонија.
Украинскиот министер за надворешни работи „Дмитро Кулеба ќе го бојкотира состанокот на министрите на ОБСЕ поради одлуката да се дозволи присуство на Лавров“, изјави за АФП Олег Николенко, портпарол на Министерството.
Истата агенција јавува дека балтичките земји, Естонија, Летонија и Литванија, исто така одлучиле да го прескокнат овој состанок.
Министрите за надворешни работи на овие земји во заедничката изјава рекоа дека доаѓањето на Лавров „ризикува да го легитимира агресорот Русија како полноправна членка на нашата заедница на слободни нации“ и додаде дека „одлучиле да не присуствуваат“ на самитот во Скопје.
Пристигнувањето на Лавров беше сомнително бидејќи повеќето земји во Европа го затворија својот воздушен простор за руските авиони по инвазијата на Москва на Украина.
Но, Северна Македонија реши да направи исклучок и дозволи пристигнување на руската делегација со авион, а Бугарија исто така даде еднократна дозвола за прелетување на руски авион.
Лавров претходно изјави дека ќе дојде во Скопје доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор.
Видете и ова: „Триумфот“ на Русија на министерскиот совет на ОБСЕ во СкопјеВо Скопје треба да се појави и американскиот државен секретар Ентони Блинкен, на неформална вечера пред почетокот на самитот, на 29 ноември.
Помошникот државен секретар за Европа и Евроазија, Џејмс О'Брајан, претходно одби да коментира дали ќе има некаква интеракција меѓу американската делегација и Лавров, доколку тој се појави на министерскиот состанок.
Рускиот заменик министер за надворешни работи Сергеј Рјабков претходно изјави дека „нема да има средба“.
Пред почетокот на Министерскиот совет на ОБСЕ и најавените бојкоти, се очекуваше 76 делегации на земји членки и партнери на ОБСЕ да пристигнат во Северна Македонија, која претседава со оваа организација.
Министерскиот совет на ОБСЕ се смета за клучен настан кој ќе одлучи како организацијата ќе функционира во иднина, со оглед на постојаните пречки и блокади што ги поставува Русија откако ја започна инвазијата на Украина.