Бугарија го отвори небото за авионот на рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров доколку тој одлучи да присуствува на министерскиот состанок на ОБСЕ во Скопје, изјави за новинската агенција ТАСС руската амбасадорка во Бугарија, Елеонора Митрофанова.
„Добивме позитивен одговор на нашата нота за летот на авионот на Лавров преку воздушниот простор на Бугарија. Бугарското Министерство за надворешни работи официјално не информираше дека нашиот министер може да лета во воздушниот простор на земјата“, вели Митрофанова за руската агенција.
Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија доколку Бугарија ја промени одлуката.
Видете и ова: Русија негира дека ќе има средба меѓу Лавров и Блинкен на самитот на ОБСЕ во СкопјеПретходно, македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.
Пред два дена министерот Бујар Османи рече дека се преговара со Бугарија и Грција да дозволат прелет, но, не гледа причина зошто да не го дозволат тоа.