Марија Јаническа е избрана за нова директорка на ОТА

Прислушување

Марија Јаническа е новиот директор на Оперативно техничката агенција (ОТА). За неа гласаа 93 пратеници во законодавниот дом. Таа доаѓа на местото на досегашниот директор Зоран Ангеловски.

Јаническа е дипломиран правник и досегашен стручен соработник за општи и заеднички работи во Оперативно-техничката агенција. Предлогот беше утврден едногласно, а денеска доби дво-третинско мнозинство и Бадинтерова поддршка.

ОТА беше формирана како самостоен државен орган по скандалот со масовното прислушување и Извештајот на експертската група на Европската комисија предводена од Прибе. Со повеќе законски измени, УБК доби наследник во АНБ која задржа голем дел од надлежностите, додека опремата за прислушување премина во ОТА.

Оваа институција речиси еден месец функционираше без директор затоа што на Ангеловски на 7 септември годинава, му истече петгодишниот мандат без право на реизбор. Со неговото заминување од ОТА, која е една од клучните институции во безбедносниот и ланецот на борба против криминалот, оваа институција остана без прв човек кој одлучува за голем број на дејствија во областа и делегира овластувања во безбедноста надолу по хиерархија.