Собранието одлучи да распише оглас за наследник на Јовевски

Љубомир Јовевски, јавен обвинител на Република Северна Македонија

Со 88 гласа „за“ пратениците во Собранието денеска (27 ноември) одлучија да се распише оглас за именување на нов државен обвинител бидејќи на крајот на декември годинава завршува шестгодишниот мандат на актуелниот обвинител Љубомир Јовевски.

Сега, парламентот ќе треба да го објави огласот во „Службен весник“ и во најмалку два дневни весници со што ќе почне да тече рокот од 15 дена за поднесување на пријавите од кандидатите.

Јовевски беше именуван за јавен обвинител на 25 декември 2017 година. За неговото именување тогаш гласаа 61 пратеник. Законот за јавно обвинителство предвидува можност и за реизбор. Тој тогаш на функцијата го наследи Марко Зврлевски кој беше разрешен во август истата година.

Во моментов, пак, во Собранието е поднесена интерпелација за Јовевски. Неа ја поднесоа пратениците од албанскиот опозициски блок, а една од клучните забелешки е во однос на истрагата за пожарот во модуларната ковид-болница во Тетово во кој загинаа 14 пациенти.

Вашиот пребарувач не подржува HTML5

Касами: Обвинителството на Јовески успеа да ги прикрие сите траги на криминал во државата

Според Законот за јавно обвинителство, покрај стандардните услови, кои предвидуваат кандидатот за републички обвинител да е државјанин на Северна Македонија, да има завршени правни студии и правосуден испит, определени се и посебни услови дека за државен јавен обвинител може да се именува лице кое има непрекинат работен стаж од најмалку десет години како јавен обвинител или како судија од областа на кривичното право.

Распишувањето на огласот Собранието го прави по предлог на Владата.

За кандидатите кои ќе се пријават во рокот од 15 дена, Владата ќе побара образложено позитивно или негативно мислење од Советот на јавни обвинители, по што ќе треба да избере еден од оние за кои има позитивно мислење и да го предложи до парламентот каде пратениците ќе треба да гласаат.