На претстојниот дводневен состанок, министрите за надворешни работи на земјите од НАТО ќе разговараат за можноста за трајно зголемување на војниците во рамките на мировната мисија КФОР на Косово, најави генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.
„Неодамна го зголемивме нашето присуство во Косово со испраќање илјада дополнителни војници. Сега проценуваме дали ова треба да биде потрајно зголемување и дали ни требаат некои посебни нови капацитети“, рече Столтенберг.
Шефовите на дипломатиите на земјите-членки на НАТО ќе се сретнат на 28 и 29 ноември во седиштето на Алијансата во Брисел.
НАТО го зголеми своето присуство во Косово по нападот што се случи на 24 септември, кога група маскирани и вооружени лица ја нападнаа косовската полиција. Во таа прилика беше убиен еден косовски полицаец. Тогаш во конфликтот беа убиени тројца напаѓачи.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Столтенберг вети дека НАТО ќе направи се за да го зачува мирот во целиот регион на Западен Балкан. Тој упати посебен повик до Србија и Косово да напредуваат во процесот на нормализирање на односите.
„Ги покануваме и Белград и Приштина да се вклучат во дијалог со добра волја со поддршка на ЕУ. Исто така, веруваме дека новиот предлог за Заедница на општини со српско мнозинство може да биде важен чекор напред во придвижувањето на овој дијалог во повеќе конструктивна насока“, рече Столтенберг.
Тој, исто така, ги повика страните да се воздржат од запалива реторика и дејствија кои можат да ги зголемат тензиите во регионот. Во дискусијата за можностите во регионот, на 28 ноември на министрите на НАТО ќе им се придружи и високиот претставник на Европската Унија за заедничка надворешна политика и безбедност, Жозеп Борел.
Војната во Украина и руската агресија против оваа земја ќе бидат главните теми за дискусија на министерско ниво. Во таа насока, шефот на НАТО потврди дека ќе се разговара и за дестабилизирачките акции на Русија во Украина и пошироко. Тој предупреди дека Русија се обидува да ја дестабилизира Европа со дезинформации, сајбер напади и миграција.