Рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров во понеделник (27 ноември) изјави дека ќе учествува на состанокот на ОБСЕ во Северна Македонија доколку Бугарија го отвори својот воздушен простор и дека некои западни земји веќе побарале средби со него.
„Очигледно Бугарија ѝ ветила на Македонија дека ќе го отвори нејзиниот воздушен простор, ако тоа се случи, тогаш ќе бидеме таму. Ајде да видиме“, рече Лавров на конференција во Москва.
Тој истакна дека веќе имал неколку барања за средби, вклучително и од западни претставници.
„Ако некој ни пријде, ние никогаш не бегаме и не се криеме“, додаде рускиот шеф на дипломатијата.
Од македонското Министерство за надворешни работи за РСЕ изјавија дека ниту една земја не дала ветување дека ќе го отвори воздушниот простор за прелет на рускиот авион со кој Лавров би требало да допатува во Скопје на министерскиот совет на ОБСЕ, но Бугарија или Грција треба да одлучат дали една од нив ќе го стори тоа.
Претходно македонската Влада одлучи да се тргне забраната за прелет на рускиот авион со кој руската делегација, вклучително и шефот на руската дипломатија, Сергеј Лавров, ќе може да слета во Скопје, откако претходно министерствата за одбрана и за надворешни работи ќе дадат одобрение за прелет и слетување.
Видете и ова: Блинкен доаѓа во Скопје, а Лавров се очекуваПред два дена министерот Бујар Османи рече дека се преговара со Бугарија и Грција да дозволат прелет, но не гледа причина зошто да не го дозволат тоа.
„Ако ние донесеме одлука, не гледам зошто да не прифатат. Одлуката на ЕУ е јасна, вели „со исклучок на настани поврзани со ОБСЕ, и други меѓународни организации“, бидејќи Лавров беше во Њујорк, но во Обединетите нации, а не во САД. И тука не доаѓа во Скопје ако дојде, доаѓа во ОБСЕ. Мора да ја направиме таа разлика меѓу билатерален и мултилатерален карактер на посетата“, додаде Османи.