Вооруженото крило на палестинската милитантна група Хамас денеска (25 ноември) соопшти дека одлучило да го одложи вториот круг на ослободување заложници додека Израел не се обврзе да дозволи камиони со хуманитарна помош да влезат во северниот дел на Појасот Газа, пренесе Ројтерс.
Бригадите Ал Касам, военото крило на Хамас, додадоа дека ослободувањето на заложниците ќе биде одложено доколку Израел не ги почитува договорените услови за ослободување на Палестинците од затвор.
Претходно, извор од Хамас за АФП рекол дека почнало предавањето на втората група заложници, кои ќе бидат ослободени врз основа на договорот за прекин на огнот со Израел.
„Бригадите Ал-Касам почнаа да ја предаваат втората група израелски затвореници на Црвениот крст во Кан Јунис. Ги има 14“, кажал изворот.
Вкупно 13 жени и деца кои беа заложници на Хамас се предадени на Црвениот Крст, објавија вчера (24 ноември) израелските медиуми. Тоа е првата група на израелски заложници кои се ослободени, откако беа киднапирани при нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври.
Ова доаѓа по мировниот договор за четиридневен прекин на огнот меѓу Израел и Хамас. Предавањето на заложниците се случи во болница во Кан Јунис на југот на Појасот Газа.