Запалено возило го вклучи алармот во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје

Илустрација, возило на МВР

Надминат е проблемот поради кој денеска (25 ноември) се вклучи алармот во трговскиот центар „Ист Гејт“ во Скопје, а на вработените и на посетителите им било наложено да го напуштат објектот.

Од МВР велат дека запалено возило во подземниот паркинг било причината поради која се активирал алармот.

„Денеска во 13.42 часот е пријавено дека во ТЦ „Ист Гејт мол“ се вклучиле противпожарните аларми, при што веднаш од страна на обезбедувањето е реагирано. Утврдено е дека станува збор за запалено возило „рено лагуна“ во подземниот паркинг. Пожарот е изгаснат од страна на обезбедувањето“, потврдија од МВР за Радио Слободна Европа.

Видете и ова: Две лица повредени при пукање во „Ист гејт“ Мол

Од трговскиот центар соопштија дека проблемот на паркингот кај едно од возилата е навремено детектиран и веднаш е решен.

„Tрговскиот центар е безбеден и продолжува да работи со регуларно работно време“, објавија од „Ист Гејт“.

На 24 октомври годинава, имаше пукање во истиот трговски центар, при што беа повредени две лица. Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, тогаш рече дека станува збор за криминална пресметка.

Тоа беше втор вооружен инцидент во „Ист Гејт мол“ за два месеци.