Османи: Нема време и простор за промена на моделот на пржинска влада за овие избори

Илустрација: Гласање на избори

Нема простор за промена на моделот на пржинска влада на овие избори, преблиску сме за да ги смениме правилата на игра во последен момент, рече министерот за надворешни работи и потпретседател на ДУИ, Бујар Османи, на денешната средба со новинарите.

Според него, за овие избори не може да има промени на моделот, а многу е важно и на претстојната лидерска средба во декември да се постигне консензус, дали изборите ќе се одржуваат споено или одвоено.

Османи рече дека во ДУИ уште нема одлука кој би бил премиер во техничката влада и тоа најверојатно ќе се реши во почетокот на декември.

Видете и ова: Ќе се согласат ли партиите за промена на изборниот модел?


На прашањето дали за следните избори ДУИ би се согласила да се смени пржинската влада, Османи одговори дека засега нема таква одлука.

„Нема одлука во ДУИ. Но, како потпретседател на партија, јас би се согласил за наредните избори да се повлече пржинската влада, но не на овие избори. Едноставно сме преблиску за да ги смениме правилата на игра во последен момент. Сега, на овие избори, продолжуваме со истите правила на игра согласно договореното и уште при формирање на коалицијата“, рече Османи.

Видете и ова: Разрешувањето на Мизрахи го пензионира Пржинскиот модел на влада

Тој смета дека пржинската влада од практичен аспект не е лошо решение, но од друга страна, со прифаќањето на овој модел државата испраќа порака дека не може поинаку да обезбеди „фер плеј“.

„Тоа не е убаво за една држава што е членка на НАТО, кандидат за ЕУ, бидејќи ние мора да имаме капацитет наш, да имаме фер избори и без врзани потписи. Значи, не и не сме луѓе кои треба да ни врзат потписи за да не манипулираме избори. Од тој аспект ми пречи. Меѓутоа од аспект дека никој на крај бидејќи навикнати сме после избори, секој да обвини наместени избори, не ги прифаќаме резултатите, овој модел не остава таков простор“, рече Османи.

Техничката(пржинска) влада беше воведена како модел за време на преговорите меѓу партиите во Пржино, за излегување од големата политичка криза по откривањето на аферата со масовното нелегално прислушување, односно пред предвремените парламентарни избори во 2016 година.