Чешка и Словачка се децидни против укинувањето на правото за употреба на вето во Европската Унија (ЕУ). Чешкиот премиер Петр Фијала и неговиот словачки колега Роберт Фицо на заедничката прес конференција во Прага се спротивставија на идеите за укинување или ограничување на употребата на ветото во Европска Унија. Тие побараа дебатата за одлучување во ЕУ да се одвои од темата за проширување со земјите од Западен Балкан, како и да се забрза проширувањето.
„Покрај прашањето за ветото, за нас е важно дека не сакаме да ја поврземе дискусијата за одлучување во ЕУ со дебатата за проширувањето. Ова е важна тема за нас бидејќи сметаме дека процесот треба да биде забрзан, а на земјите од Западен Балкан треба да им се даде појасна перспектива отколку што имаат сега. Важно е овие работи да не се поврзани и условени бидејќи расправата за одлуката ќе биде долга и комплицирана“, изјави Фијала.
Новоизбраниот словачки премиер, пак се заложи за рестартирање на активностите на Вишеградската група.
„ За Чешка, одземањето на правото на вето е црвена линија. Тоа е и за нас. Ако четири земји речат не, не е така лесно да ни го одземе правото на вето и да правите што сакате“, посочи Фицо.
Фијала вети дека итно ќе организира средба на премиерите од Вишеградската четворка, откако ќе биде формирана новата полска влада.
Вишеградската група, е културна и политичка алијанса на четири средноевропски држави – Чешка, Унгарија, Полска и Словачка, кои се членки на ЕУ и НАТО, чија цел е унапредување на меѓусебната воена, културна, економска и енергетска соработка