Банда со 23 члена под истрага за „дилање дрога“

Архивска фотографија, запленета дрога

Кокаин, хашиш и марихуана од Албанија низ организирана мрежа од Струга се продавала во земјава, покажува истрагата на Обвинителството за борба против организиран криминал. По неколку месечна предистражна постапка во полициска акција во охридско - струшкиот регион се приведени 19 луѓе, додека тројца се уште се недостапни, се вели во нивното соопштение.

Во него е наведено дека бандата од почетокот на годинава до сега се здружиле во злосторничка организација и нелегално продавале дрога и оружје. Лидерите на бандата незаконската продажба на дрога ја вршеле во три мрежи заедно со 16 од останатите осомничени лица.

„Првоосомничениот неовластено набавувал наркотична дрога – кокаин или марихуана од НН лица од Албанија и набавената количина ја пренесувал и сокривал на безбедна локација на подрачјето на Општина Струга, по што дел од наркотичната дрога, наменета за брза продажба ја пренесувал во два угостителски објекти во Струга, а останатата количина на наркотичната дрога спакувана во помали пакувања се продавала преку мрежите воспоставени од останатите тројца организатори“, се вели во соопштението на Обвинителството.

Видете и ова: Две банди владеат со скопското подземје


Оттаму велат дека првоосомничениот ги организирал и ги одобрувал продажбите, па при секоја продажба откако припадниците на групата кои имале улога на препродавачи ќе стапеле во контакт со заинтересиран купувач на наркотична дрога, го информирале организаторот на мрежата на која припаѓале и по извршената купопродажба на наркотичната дрога, парите му ги предавале на организаторот, а тој на првоосомничениот кој како награда им давал процент од постигнатата цена.

Кога заинтересираните купувачи на наркотични дроги, биле непознати на осомничените, се барало дозвола за продажба од првоосомничениот.

„Во зависност од побарувачката на заинтересирани купувачи, наркотичната дрога – кокаин спакувана во помали паковки се продавала по цена од 60 евра до 100 евра за 1 (еден) грам, 50 грама марихуана со висок квалитет по цена од 100-250 евра, додека масло од хашиш нелегално произведено во домашни услови се продавало по цена од 40 евра од кубик“, се вели во соопштението.

Видете и ова: Три македонски банди го држат црниот пазар со дрога

Дополнително годинава четворица од осомничените се занимавале и со незаконска трговија со оружје.

„Еден од организаторите од НН лица набавувал разно оружје и муниција што ги сокривал на безбедни локации на подрачјето на Општина Струга, по што останатите петмина осомничени контактирале со заинтересирани купувачи и им нуделе оружје и муниција за продажба“, се вели во соопштението.

Полицијата извршила претреси на вкупно 36 локации во Струга, Охрид и во Затвор Скопје, при што на повеќе локации се пронајдени и одземени оружје, муниција од различен калибар, кокаин, марихуана, пари, патнички моторни возила, мобилни телефони и други предмети.

Најмладите приведени имаат по 21 година, додека настариот осомничен има 76 години, се вели во соопштението на Министерството за внатрешни работи(МВР).

Од вкупниот број на осомничени, 19 луѓе се приведени, три лица се недостапни на органите на прогонот, а едно лице е во притвор заради обид за убиство во друг кривично правен настан. Обвинителството за осомничените бара од Основниот суд Скопје 1 да им одреди мерка притвор поради постоењето на опасност од бегство, дека ќе ги сокријат, фалсификуваат или уништат трагите на кривичното дело и дека со влијание врз сведоци и соучесниците ќе ја попречат истрагата.