Протест на здравствените работници: Повисоки плати или пред Влада на 2 декември

Протест на здравствените работници за повисоки плати, Скопје, 24 ноември 2023 година

Протест на здравствените работници за повисоки плати, Скопје, 24 ноември 2023 година

Покачување на платите за 30 отсто е главното барање на членовите на Независниот синдикат на здравствени работници (НСЗР) кои денеска протестираа пред Министерството за здравство. Најавија протест пред Владата на 2 декември доколку во меѓувреме не бидат повикани на средба во Министерството за здравство.

Националниот координатор на Независниот синдикат на здравствени работници, Боби Бојчевски, истакна дека бараат и менување на Колективниот договор, покачување на ефективниот додаток, како и воведување на бенифициран стаж за вработените.

„Се собравме тука за да се слушне гласот на здравствените работници, административно - техничкиот персонал и техничкиот персонал за поголема плата од 30 отсто, за менување на Колективниот договор, за покачување на ефективниот додаток, за бенифициран стаж за вработените - радиолошки технолози, радиолози, вработени во рендген институтите, докторите и медицинските сестри“, изјави Бојчевски.

Видете и ова: Незадоволството експлодира на улица – власта „купува“ време

Тој додаде дека бараат и бенифициран стаж за вработените во психијатриските болници, како и итна трансформација на сите вработени со договор на дело во здравствените институции на Здравствен дом Скопје и клиничките центри на цела територија на државата со цел да се задржат младите луѓе во државата.

И покрај тоа што денеска имавме опструкции од Клинички центар, од Синдикатот на клинички центар и од Државниот синдикат, ние сепак продолжуваме со протестите, додаде Бојчевски.

Видете и ова: Здравствени работници во Скопје протестираа против состојбите во здравството

На протестот појаснија дека на клинички центар има медицински кадар, медицински сестри, техничари, административен кадар и лаборанти кои повеќе од девет години работат со договор на дело.

На протестот беше истакнато дека од петти октомври не се повикани на средба во Министерството за здравство и доколку не ги повикаат и во наредниот период, најавуваат протест за на втори декември пред Владата.