Вработени во судската и јавнообвинителската администрација, Фондот за здравство и Канцеларијата на народниот правобранител и други денеска (24 ноември) излегоа на протест пред Собранието, Министерството за правда и Владата. Тие бараат повисоки плати и враќање на додатоците за плата. Од пред Собранието тие ги повикаа пратениците од сите политички партии, пред кои веќе е предлог буџетот за следната година, да ги поддржат во нивните барања за покачување на платите.
„Барањата се јасни од самиот почеток. Покачувања на платите за 78 насто и исплаќање на додатоците за плата. Кај целата државна администрација чашата е прелиена и со овие плати, во овие услови на зголемени цени и висока инфлација, не се издржува. Ние останавме заборавени, и друго не гледам што друго може да направиме. Имавме и средби, но тие останаа глуви на нашите барања“, изјави за РСЕ Благица Сандева, вработена во јавнообвинителската служба.
Протестот го организира Синдикатот на работниците од управата, правосудните органи и здруженијата на граѓани (УПОЗ).
Поддршка на протестот дадоа повеќе административни службеници од повеќе синдикати, со транспаренти за барања за достоинствени плати протестираа вработените во Управата за заштита на културното наследство, АФ УЗКН, СЕП, Народниот правобранител, судските и јавнообвинителските службеници, како и од други Синдикати од јавната администрација.
Вработените од судската и јавнообвинителската служба од 27 септември штрајкуваат барајќи исплата на додатоците на плата и зголемување на платите за 78 проценти, износ за кој беа зголемени платите на избраните и именуваните лица.