Пет лица, меѓу кои три деца, избодени со нож во Даблин

Ирска полиција, Даблин (илустративна фотографија)

Ирската полиција соопшти дека пет лица, вклучувајќи и три деца, се префрлени во болница по сериозен инцидент во центарот на Даблин во четвртокот на 23 ноември.

Локалните медиуми пренесоа дека луѓето се избодени со нож на плоштадот Парнел во Даблин, пренесува Ројтерс.

Полицијата во соопштението напиша дека истрагата е во тек.

Би-Би-Си пренесе дека инцидентот се случил околу 13:40 часот по локално време, а дека настрадале маж, жена и три малолетни деца.

Едно од децата, девојче и една жена, се наоѓаат во болница во тешка состојба, додека останатите се лекуваат од полесни повреди.

Подрачјето е затворено за сообраќај, а Ајриш Тајмс пренесува дека главниот осомничен за нападот е приведен и дека се здобил со рани, за кои се верува дека самиот си ги нанел.

Првите индиции упатуваат на тоа дека мажот се обидел да нападне неколку млади луѓе и дека интервенирале минувачи.

Мотивот за нападот, кој се случи пред училиште на улица, засега не е утврден, пренесува Ројтерс.