Русковска оди во пензија, нема да се жали на нејзиното разрешување

Обвинителката Вилма Русковска

„Официјално јас сѐ уште сум во работен однос во Јавното обвинителство, но по денешната одлука на Советот на јавни обвинители ќе побарам од обвинителството да ми ги дадат документите и пред ФЗОМ ќе покренам постапка за пензионирање. Нема да се жалам на одлуката на советот“, изјави за порталот МКД.мк поранешната шефица на Обвинителството за гонење организиран криминал, Вилма Русковска по нејзиното денешно разрешување.

Претходно денеска членовите на Советот на јавните обвинители едногласно ја разрешија Русковска, од функцијата јавен обвинител.

Видете и ова: Советот на јавни обвинители едногласно ја разреши Вилма Русковска

Против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска беше отворена дисциплинска постапка од страна на Јавното обвинителство поради претресот во просторите на Управата за финансиска полиција летото 2022 година, додека директор на оваа институција беше Арафат Муареми.

Муареми тогаш јавно обвинуваше за незаконит претрес и најави и кривични пријави против трите обвинителки. Тогаш, по налог на Јовески беше извршен и надзор, по што од Јавното обвинителство излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот во УФП.

Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на 30 март одлучи да му предложи на Советот на јавни обвинители Русковска да биде разрешена, Трајчева да биде казнета со намалување на платата за 30 отсто, додека Јосифоска беше ослободена од одговорност.