Членовите на Советот на јавните обвинители едногласно ја разрешија поранешната шефица на Јавното обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, Вилма Русковска, од функцијата јавен обвинител.
Против Русковска и обвинителките Ивана Трајчева и Елизабета Јосифоска беше отворена дисциплинска постапка од страна на Јавното обвинителство поради претресот во просторите на Управата за финансиска полиција летото 2022 година, додека директор на оваа институција беше Арафат Муареми.
Муареми тогаш јавно обвинуваше за незаконит претрес и најави и кривични пријави против трите обвинителки. Тогаш, по налог на Јовески беше извршен и надзор, по што од Јавното обвинителство излегоа со соопштение дека констатирале пропусти во постапувањето при претресот во УФП.
Видете и ова: Разврската на „судирот“ Русковска-Муареми далеку од финиш
Комисијата за утврдување дисциплинска одговорност на 30 март одлучи да му предложи на Советот на јавни обвинители Русковска да биде разрешена, Трајчева да биде казнета со намалување на платата за 30 отсто, додека Јосифоска беше ослободена од одговорност.
Предлогот за поведување дисциплинска постапка против трите обвинители го даде републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески.
На почетокот на јуни Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција ги затвори предметите против Муареми и вработени истражители, бидејќи утврдило дека не постои основно сомнение дека пријавените ги сториле кривичните дела.