Партија на слободата освои 35 места во парламентот, според излезната анкета на Ипсос, што е убедлива победа, бидејќи централнодесничарскиот блок освои 23 места, а левичарскиот блок 26 места.
Доколку биде потврдена со конечните резултати, победата на Вилдерс означува нагло свртување на десно што со внимание ќе се гледа во Брисел .
Имиграцијата беше клучно прашање, а цврстата линија на Вилдерс, вклучително и затворањето на границите и депортирањето на илегалните имигранти, се чини дека имаше ефект кај холандските гласачи.
Иако се чини дека Вилдерс триумфираше на гласањето, не е јасно дали тој ќе може да ја собере потребната поддршка за доволно широка коалиција за да формира функционална влада.
Сите лидери на другите три најголеми партии рекоа дека нема да се приклучат на коалицијата предводена од Партијата на слободата.
Вилдерс е познат како „холандскиот Трамп“, делумно поради неговата фризура која наликува на онаа на поранешниот американски претседател, но и поради неговите говори против имигрантите и муслиманите.
Видете и ова: Подем на крајната десница во Европа
Од наративот за Мароканците, кои ги нарече „ѓубриња“ до одржување на натпревар за карикатура на пророкот Мухамед, Вилдерс изгради кариера од неговата самопрогласена мисија да ја запре наводната „исламска инвазија“ на Западот.
Тој истакна дека ќе биде премиер за сите „без разлика на нивната религија, потекло, пол или што и да е“, инсистирајќи дека кризата со трошоците за живот е повисок приоритет.
Во програмата на партијата се предлага забрана на исламските училишта, Куранот и џамиите. Во владините згради ќе биде забрането носењето шамии.
„Холандија не е исламска земја“, се додава во манифестот на партијата.
Меѓудругото се вели и дека ќе се одржи „обврзувачки референдум“ за излезот на Холандија од Европската Унија.
Во манифестот на Партијата на слободата се додава дека би ја преместиле холандската амбасада во Ерусалим за да го поддржи Израел, кој како што е наведено, е „близок пријател и единствената вистинска демократија на Блискиот Исток“.