Полска и Чешка ги продолжија граничните контроли со Словачка за да се спречи илегалната миграција

Полски полицаец проверува комбе со мигранти.

Полска и Чешка ги продолжија привремените контроли на границите со Словачка до 3 декември и 3 јануари, соодветно, како одговор на постојаните напори на мигрантите да влезат на територијата на Словачка.

Словачка е транзитна земја за мигранти главно од Блискиот Исток и Авганистан кои сакаат да стигнат до Западна Европа, особено Германија, откако ќе преминат во Европската унија преку Унгарија од Србија која не е членка на ЕУ.

Бројот на илегални мигранти кои годинава пристигнале во Словачка до 12 ноември надмина 46 илјади, што е повеќе од шест пати во споредба со истиот период лани.

„Контролите на границите... ќе бидат продолжени за периодот од 23 ноември 2023 година до 3 декември 2023 година“, се вели во декретот издаден од полското Министерство за внатрешни работи и администрација.

Чешкиот министер за внатрешни работи Вит Ракусан рече дека привремените контроли се неопходни поради недостатокот на заедничка политика на ЕУ која подобро ќе ја чува надворешната граница на Унијата и заеднички ќе се справи со миграцијата.

Видете и ова: Финска и Естонија ја обвинуваат Русија дека користи мигрантите како дел од „хибридна војна“


„Ако соседните земји имаат интерес да ги задржат овие контроли, не можам да замислам дека ние ќе бидеме единствената земја што ќе ги укине“, рече тој на прес-конференција.

Полска, Чешка и Австрија ја зајакнаа контролата на границата со Словачка на 4 октомври. Варшава наведе „сериозна закана од илегална имиграција на полско-словачкиот дел од државната граница“.

Мерката подоцна беше продолжена неколку пати.

Слично на тоа, Словачка во понеделникот го одобри продолжувањето на сопствената привремена гранична контрола со Унгарија до 23 декември.

Германија воведе контрола на границите со своите источни соседи во септември поради зголемениот тек на илегална миграција, додека ЕУ подготвува нов миграциски договор кој ќе ги промени правилата за справување со нерегуларните пристигнувања.