Финските граничари и војници почнаа да поставуваат бариери, вклучително и бетонски препреки со бодликава жица на некои премини на долгата граница на оваа нордиска земја со Русија за подобро да го контролираат протокот на мигранти без документи, соопштија властите на 22 ноември.
Околу 600 мигранти без соодветни визи и документација, главно од Блискиот Исток и Африка, пристигнале во Финска во ноември. Во септември и во октомври имало по неколку десетици мигранти. Во Финска пристигнале жители на Авганистан, Ирак, Сирија, Јемен, Кенија, Мароко и Сомалија, соопштија финските граничари.
Кремљ изрази жалење за одлуката на Финска да ги затвори контролните пунктови и ги отфрли тврдењата на финските власти дека Русија го охрабрила приливот на мигранти на границата за да ја казни Финска за влезот во НАТО.
Видете и ова: Се води ли „хибридна војна“ со приливот на илегални мигранти на границата од Русија до Финска?Финска и Русија делат граница долга 1.340 километри. Финската граница служи како надворешна граница на Европската унија и го сочинува северо-источното крило на НАТО.
„Несомнено Русија ги инструментализира мигрантите како дел од нејзината „хидридна војна“ против Финска“, изјави на 22 ноември финската министерка за надворешни работи Елина Валтонен. Финска се приклучи на НАТО во април годинава по децении воено неутралност и прагматични пријателски односи со Москва.
Видете и ова: Кремљ жали за одлуката на Финска да затвори гранични премини со РусијаПортпаролката на руското Министерство за надворешни работи, Марија Захарова, во средата изјави дека руските власти се подготвени да работат заедно со финските власти за да постигнат договор за граничното прашање. Таа вели дека Финска требало да ја „изнесе својата загриженост, за да се изработи заемно прифатливо решение или да добие објаснување“.
Во понеделникот, руското Министерство за надворешни работи го повика финскиот амбасадор во Москва за да поднесе формален протест поради затворањето на најфреквентните контролни пунктови на границата.
И соседната земја на Финска, Естонија ја обвинува Русија дека испраќа мигранти на нејзината граница. Естонскиот министер за внатрешни работи Лаури Ланеметс на 22 ноември рече дека Русија е вклучена во „хибридна операција за напад“ со носење мигранти на границата со цел да ја наруши нејзината безбедност и да го вознемири населението.
Естонија направи подготовки да ги затвори граничните премини доколку „ескалира миграцискиот притисок од Русија“ и да се справи со мигрантите кои се обидуваат да влезат надвор од официјалните премини, изјави министерот за внатрешни работи Ланеметс за Ројтерс.