Компаниите кои треба да платат солидарен данок, треба да постапат според Закон и да го сторат тоа, вели претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска.
Пред Уставен суд се поднесени повеќе иницијативи за да се разгледа уставноста на овој закон, но Кацарска не е оптимист дека ќе се најдат на седница пред уставните судии до крајот на годината.
„Тоа е и уставна должност на секој граѓанин. Тие треба да го платат овој данок. Доколку Уставниот суд одлучи поинаку, тогаш ќе дискутираме кои се следните чекори на тие фирми. И битно е, при поведувањето на постапка, дали Уставниот суд би го укинал тој закон или би го поништил, така што има разлика, не би можела да ви кажам што би се случувало додека судот не се произнесе конечно“, рече Кацарска.
На 24 ноември ќе им бидат блокирани сметките на фирмите кои нема да платат солидарен данок.
Собранието во септември во усвои Законот за солидарен данок, кој е еднократна и вонредна јавна давачка. Солидарен данок треба да платат компаниите кои лани оствариле приход поголем од 10 милиони евра, а данок треба да платат само на екстра приходот.
Управата за јавни приходи (УЈП) на 9 ноември информираше дека и покрај дадениот рок 26 фирми не го платиле солидарниот данок.
Ваква обврска, според закон, имаа вкупно 156 компании, меѓу кои и едно јавно претпријатие.
Вицепремиерот Фатмир Битиќи на почетокот на месецот рече дека ако Законот за солидарен данок „падне“ на Уставен, парите на фирмите ќе им се враќаат од буџетот за следната година.
Законот пред Уставен први го оспорија од Стопанската комора. Потоа до Судот пристигнале и други иницијативи за солидарниот данок.