Грковска за аферите со „Државна лотарија“ – Истражните органи веднаш да реагираат

Славица Грковска - вицепремиерка задолжена за политики за добро владеење

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење, Славица Грковска, ги повика истражните органи веднаш да преземат мерки за објавените истражувања поврзани со Државна лотарија. Бидејќи, како што вели Грковска, тие имаат обврска да делуваат и по допрен глас.

„Го поздравувам тоа што истражувачките новинари го покренаа за Лотарија. Ние, како кабинет, за жал, не сме истражен орган и не би можеле да имаме надлежност. Истражувачкото новинарство е еден од клучните фактори во борбата против корупцијата и организиран криминал и јас ги поздравувам сите новинари коишто со својот ангажман придонесуваат во таа насока“, изјави Грковска.

Видете и ова: Државна лотарија закупи поранешен ресторан за свадби за 2,6 милиони евра

Вицепремиерката за добро владеење истакна дека е апсолутно неприфатливо институциите да поседуваат веб сајтови кои ќе бидат во функција на политичка партија или да имаат политичка конотација. Одговарајќи на новинарско прашање за наводите дека во Министерството за политички систем има веб – медиуми кои промовираат политички интереси на партии, Грковска рече дека на таа тема не разговарала со вицепремиерот Артан Груби.

Видете и ова: Портали за фалење на ДУИ и оцрнување на неистомисленици

По првичните истражувањата на Радио Слободна Европа објавени на 17 и 18 октомври – за доделените тендери во Државна лотарија на блиски лица и роднини до компанијата „Арбериа Десигн“ и закупот на деловни простории во поранешен ресторан за свадби во Визбегово тежок 2,6 милиони евра, Обвинителството ја повика Управата за финансиска полиција да реагира, а во случај на непостапување, самото ќе отвори предмет.

По повикот од Обвинителство, Финансиската полиција влезе и во Државна лотарија, но, и во компанијата „Хеј ДООЕЛ“ која во меѓувреме ја промени сопственоста – нејзин газда сега е Асмир Јахоски, газдата на „Пуцко Петрол“ и син на поранешниот градоначалник на општина Пласница и актуелен пратеник од редовите на ДУИ.

Од Финансиска полиција не одговорија на прашањата на РСЕ дали освен за акционерското друштво и компанијата „Хеј ДООЕЛ“, истрагата ја прошириле и кон други правни и физички лица.

Видете и ова: Деветнаесетгодишен кумановец ќе набавува апарати за коцкање за Државна лотарија

На 22 ноември, РСЕ објави и дека Фљамур Невзатовски преку компанијата „Ап Солутионс“ ќе набавува апарати за коцкање за потребите на Државна лотарија. Тендерот тежи 204.825 евра.