Столтенберг од Скопје: Не гледаме директна воена закана во регионот, но има зголемување на тензиите во Косово и БиХ

Неформален регионален состанок на лидерите на сојузниците на НАТО од Западен Балкан и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг, 22 ноември 2023

Со пораки за зачувување на мирот и стабилноста во регионот како стратешка цел и меѓународна соработка на тој план, заврши неформалниот регионален состанок на лидерите на сојузниците на НАТО од Западен Балкан и генералниот секретар на Алијансата, Јенс Столтенберг.

Безбедносните прашања во регионот, војната во Украина и кризата на Блискиот исток биле темите на кои разговарале лидерите на НАТО сојузниците од регионот, на кој домаќини се премиерот Димитар Ковачевски и генералниот секретар на НАТО кој е во посета на Скопје.

„Ние не гледаме некоја воена закана против сојузниците на НАТО, но она што го гледаме е зголемување на тензиите, особено во Косово, но не гледаме директна воена закана против која било од земјите во регионот,“ порача генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг на заедничката прес конференција со лидерите на Северна Македонија, Албанија, Црна Гора и Хрватска.

Тој додаде дека во Алијансата се загрижени за настаните во земји од овој регион, но како што рече, треба да се разбере силата и важноста на НАТО.

„На Косово го зголемивме присуството со потешко вооружување и околу 1000 дополнителни трупи и секако, ние сме претпазливи, одблизу ја гледаме ситуацијата и ќе направиме се што е потребно за да се заштитат сите сојузници. Кога нашите соседи се постабилни, ние сме посигурни“, рече Столтенберг.

Видете и ова: Мирот на Западен Балкан не е со највисок квалитет, но треба да се сочува

Македонскиот премиер Димитар Ковачевски повтори дека безбедносната ситуација е стабилна и дека не постојат индиции за нејзино нарушување.

Неговиот албански колега Еди Рама истакна дека мирот во регионот е кревок и затоа, како што истакна, зајакнувањето на стабилноста е стратешка цел на сите земји од регионот. Тој предложи во иднина почесто да се одржуваат вакви средби со земјите членки на НАТО, но и со оние кои не се членки на Алијансата, но имаат договори за партнерство со НАТО.

„Затоа укажав и на неопходноста да се зголемат силите на НАТО во Косово и неопходноста да се гарантира безбедноста на границата меѓу Србија и Косово која е надвор од контрола и во служба на илегални активности, шверц на оружје и наркотици кои предизвикуваат големи пореметувања во овој дел од регионот“, рече Рама.

Неговиот предлог за почести средби и со земјите кои не се членки на НАТО, го поддржа и хрватскиот претседател Зоран Милановиќ, а генералниот секретар изјави дека Алијансата ќе го разгледа.

И црногорскиот премиер Милојко Спаиќ истакна дека е од стратешко значење за регионот на Западен Балкан, НАТО да остане посветен на одржувањето на мирот и стабилноста, истакнувајќи дека Црна Гора ќе игра конструктивна улога во одржувањето на таа цел и продлабочувањето на меѓународната соработка.