Руските сили го гранатираа градот Никопол, во украинската област Днепропетровск, рано на 22 ноември, предизвикувајќи жртви и штети, изјави регионалниот гувернер Серхи Лисак на Телеграм, додека украинската противвоздушна одбрана се бореше против уште еден бран напади со руски беспилотни летала.
„Окупаторите од синоќа четири пати го гаѓаа регионот на Никопол со тешка артилерија“, напиша Лисак, додавајќи дека двајца цивили се ранети.
„Двајца мажи на возраст од 61 и 37 години се ранети во центарот на градот, а осум приватни куќи, возила и гасовод се оштетени“, рече Лисак, додавајќи дека од гранатирањето биле уништени и далноводи, оставајќи повеќе од 1200 семејства без струја.
Нападите на руската артилерија и беспилотни летала постојано го гаѓаа Никопол, предизвикувајќи жртви меѓу цивилите и оштетување на инфраструктурата. Минатата недела еден човек беше убиен во напад со беспилотно летало.
Видете и ова: ОН - Бројот на цивилни жртви во Украина надмина 10 илјадиУкраинската противвоздушна одбрана во соопштение на почетокот на 22 ноември соопшти дека Русија извршила повеќестран напад со беспилотни летала врз неколку региони во текот на ноќта, но дека сите 14 беспилотни летала од иранско производство биле соборени.
Во соопштението се вели дека беспилотните летала биле соборени над регионите на Днепропетровск, Запорожје, Киев, Житомир, Винње и Хмелницки.
Се наведува дека руската крстосувачка ракета паднала во регионот Запорожје без да ја достигне целта, но предизвикала штета на инфраструктурата.
Пред доаѓањето на зимата, Украина се подготвува за зголемени руски напади врз нејзината критична инфраструктура, особено врз енергетските инсталации.
Руските напади врз енергетската инфраструктура на Украина минатата зима оставија илјадници луѓе долги периоди во студ и мрак, а оттогаш Киев доби повеќе системи за противвоздушна одбрана од своите сојузници за подобро да ги спречи таквите напади.