Хамас и Израел се согласија да ги прекинат сите борби во Газа на четири дена како дел од договорот со кој Хамас ќе ослободи 50 жени и деца што ги држи како заложници во замена за Израел да ослободи 150 палестински жени и деца од своите затвори, соопшти радикалната организација, која е прогласена за терористичка од САД и ЕУ.
Израел пак објави список од 300 Палестинци кои би можеле да бидат ослободени според договорот постигнат меѓу Израел и Хамас.
Списокот, објавен на веб-страницата на израелското Министерство за правда, ги содржи имињата, возраста и прекршоците на оние кои ги исполнуваат условите.
Катар, кој помогна да се постигне договорот, рече дека „времето на почетокот на паузата ќе биде објавено во следните 24 часа“.
Паузата потоа ќе трае четири дена, што е „предмет на продолжување“, па отворена е можноста паузата да се продолжи и по четири дена.
Американскиот претседател Џо Бајден рече дека е „исклучително задоволен“ што некои од заложниците кои претрпеа „неделно заробеништво и нераскажани страдања“ ќе бидат повторно обединети со нивните семејства по спроведувањето на договорот.
Видете и ова: Бајден - „Многу блиску“ до ослободување на некои заложници што ги држи ХамасToj им се заблагодари на лидерите на Катар и Египет за нивното „клучно лидерство и партнерство“ во постигнувањето на договорот и рече дека ја цени „посветеноста“ на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху да поддржи пауза во борбите.
„Важно е сите аспекти од овој договор да бидат целосно имплементирани“, нагласи тој.
Бајден, исто така, го пофали Нетанјаху за обезбедувањето поголема хуманитарна помош да стигне до Газа како дел од договорот, велејќи дека тоа „ќе ги олесни страдањата на невините палестински семејства во Газа“.
Договорот вклучува дозвола за влез во Газа за уште стотици камиони кои превезуваат медицинска помош и гориво.